Гаши: 2 Август нè обединува околу вредностите на државата
Африм Гаши ги повика институциите и граѓаните да ја обноват посветеноста на демократијата, интегритетот и соживотот на Денот на Републиката.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, упати честитка до граѓаните по повод 2 Август — Денот на Републиката, нагласувајќи дека овој празник нè обединува околу вредностите на кои е изградена државата и дека нè потсетува на заедничката одговорност да ја зајакнуваме со дела, визија и посветеност.
Гаши потсети на историските столбови кои му даваат тежина на празникот: Илинденското востание (1903) и Првото заседание на АСНОМ во Прохор Пчински (1944).
Континуитет на идеалите
-2 Август нè потсетува на идеалите за слобода и самоопределување, поставени врз двата столба на нашата историја: Илинденското востание (1903) и Првото заседание на АСНОМ во Прохор Пчински (1944). Овие два историски настана го претставуваат континуитетот на стремежот кон држава изградена врз слободата, демократијата и одговорноста кон граѓаните, истакнува Гаши во честитката.
-Тој нè повикува да размислиме како ги живееме идеалите врз кои е изградена Републиката, нè мери според начинот на кој ги почитуваме институциите, како ја штитиме демократијата, како се слушаме едни со други и како заедничкиот интерес го ставаме над поделбите, додаде Гаши.
Според претседателот на Собранието, овој ден треба да го искористиме за обновување на заедничката посветеност: институциите да бидат пример за интегритет, медиумите глас на јавната одговорност, граѓаните активни учесници во демократијата, а секој од нас промотор на довербата, правдата и соживотот.
-Убеден сум дека, зачувувајќи го духот на соживотот и промовирајќи дијалог, почит и институционална одговорност, ќе продолжиме да чекориме напред кон поразвиена, подемократска и просперитетна држава, цврсто поставена на неповратниот пат кон европската интеграција. Тоа е најдостоинствениот начин да ја оддадеме почитта кон Република Северна Македонија. Честит 2 Август — Ден на Републиката!, порача Гаши во честитката до граѓаните.
Фото: прес-материјал од настанот