Гостивар: Водата сè уште не е за пиење, ревизорот предупредува на пропусти од 2007
Надлежните ги продолжуваат анализите додека ревизорски извештаи од 2007 укажуваат на долгорочни пропусти во работењето на водоводното претпријатие.

По повеќе од две недели од воведувањето забрана за пиење од чешмите, водата во Гостивар сè уште не е прогласена за безбедна — резултатите од анализите не исполнуваат критериуми што би овозможиле повлекување на мерката.
Министерот за здравство нагласи дека одлуката ќе се донесе исклучиво кога ќе има сигурност за безбедноста на водата. Сашо Клековски – Министер за здравство: „Сакаме да бидеме максимално сигурни пред да дозволиме водата да се употребува за пиење и подготовка за храна. Секој ден од повеќе места се земаат мостри. Не може да шпекулираме. Треба три соодветни теста од различни места за водата да биде ставена во употреба за пиење. Секој ден се прават анализи од девет кориснички места. Може да има еден несоодветен и да треба три нови теста од три нови дена"
Од друга страна, Државниот ревизор повика да се отворат ревизорските извештаи кои, како што посочи, уште од 2007 година укажуваат на системски слабости — вклучувајќи блокирани сметки, неправилности и недоволна грижа за испорака на доволни количества вода за граѓаните.
Ревизорските забелешки и тековната истрага
Максим Ацевски – Државен ревизор: „Ако ги прочитаме сите утврдени состојби во тој период од страна на држаниот ревизор ќе констатираме дека крајно неодговорно, непрофесионално и недомаќинско работење со Јавното претпријатие кое што во континутет е со блокирана сметка, јавно претпријатие кое што има огромен број на неправилности во своето работење и не презело активности за испорака на доволно количини вода за граѓаните"
Обвинителството во Гостивар уште чека дел од документите кои ги побарало од општината и од јавното претпријатие. Предвидени се финансиски вештачења на спорните пумпи, а финансиската полиција ќе ги провери и проектите за градскиот водовод кои биле финансирани со швајцарски и германски средства.
Во меѓувреме директорката на Јавното претпријатие „Комуналец“ – Гостивар и двајца раководители се во притвор. Се сомничи дека преку нелегално поставување пумпи во преливната комора во село Вруток беше предизвикано загадување на водата со која се снабдува градот, што резултираше со епидемија на стомачни тегоби и повеќе од три илјади жители побараа медицински прегледи.
Фото: прес-материјал од настанот