Почетна
Политика

Јаневска: и денес сметам дека во првичната програма немало ништо спорно

Министерката вели дека ги прифатила измените поради реакции од граѓаните, но дека темите за заштита и СИП остануваат.

·Политика
Јаневска: и денес сметам дека во првичната програма немало ништо спорно

Министерката за образование и наука Весна Јаневска и понатаму стои зад изјавата дека во првичната програма со наслов „Сексуално образование“ не видела ништо спорно. Во интервју за емисијата „360 степени" на МРТ 1 таа објасни дека прифатени се промени во името и некои термини поради уважување на граѓаните што реагирале.

Јаневска: промени направени од почит кон реакциите

Министерката рече дека имала разбирање за барањата на луѓето кои реагирале: "Бидејќи нас нè гласа овој народ, без оглед на која група припаѓа, и бидејќи лично многу пати сум кажала – тоа е мој личен став – дека ниедна промена значајна во државата не треба насилно да се направи, јас имав разбирање за барањата на овие луѓе и сметам дека со содржината не треба да бидат навредени кога ја читаат, да речеме."

Предметот, кој првично беше насловен „Сексуално образование“, е преименуван во „Здравје и заштита на здравјето“. Покрај промена на насловот, од програмата беа отстранети термини како „род“, „родова рамноправност“, „контрацепција“, „сексуална различност“ и „хомофобија“, што предизвика јавна дебата.

За замената на зборот „контрацепција“, Јаневска рече дека учениците и понатаму ќе учат како да се заштитат од несакана бременост: "Заштита од бременост. Ама тоа е контрацепција, нели? Ама ако некому му смета да се каже контрацепција, и заштита од бременост е соодветно."

На прашањето за употребата на терминот „род“, министерката прво наведе дека станува збор за јазична одредница и дека под „родова рамноправност“ подразбира рамноправност меѓу половите. Кога беше потсетена дека терминот има и општествено и правно значење и веќе се користи во домашното законодавство, вклучително и во Кривичниот законик, Јаневска се согласи дека тој се наоѓа и во други закони.

Во интервјуто беше споменато дека меѓу најгласните критичари на првичната програма бил епископ од струмичко и дека реагирале и невладини организации. На прашањето дали верските ставови треба да ја диктираат содржината на јавното образование, таа одговори: "Во секуларна држава секако не, иако религијата е право на секој човек." Таа ги отфрли тврдењата дека партииски кругови ја надгласале по ова прашање.

Јаневска повтори дека предметот е потребен, дека наставниците се веќе обучени, и дека учениците можат да се обратат и надвор од наставата по овој изборен предмет. Како приоритетни теми ги наведе заштитата од несакана бременост и од сексуално преносливи инфекции, како и препознавањето агресија во партнерските и сексуалните односи.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи