Како до побрза интеграција — работна средба со ЕУ амбасадорот Михалис Рокас во Комората
Комората и амбасадорот разговараа за извештајот на 30.09.2026, реформи и подготовки на компаниите за пристап до единствениот пазар.

Во Стопанската комора на Република Северна Македонија се одржа заедничка седница на Управниот одбор и на Бизнис Клубот Европа со Н.Е. Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија во земјата, посветена на европската перспектива на македонската економија.
Претседателот на Комората, Бранко Азески, истакна дека нашата економија е мала, отворена и длабоко поврзана со Европската Унија, што се потврдува со податоците за трговијата и инвестициите. „За македонскиот бизнис, европската интеграција не е политичка опција, туку економска и развојна потреба. Нашите компании веќе работат со европски компании, извезуваат на европскиот пазар, се дел од европски синџири на снабдување и ги применуваат европските стандарди. Затоа, од наша перспектива, европската интеграција не треба да биде нешто што ќе започне со членството. Европската интеграција треба да се случува денес. И тука доаѓаме до суштината – бизнисот не може бесконечно да биде „на пат кон Европа“. Повеќе од две децении зборуваме за европската перспектива на нашата земја. Но, економијата нема бесконечно време за чекање. Во економијата, изгубеното време е изгубена конкурентност, и тоа е нешто што мораме отворено да го кажеме. Европа не е само дестинација – Европа е стандард. Македонскиот бизнис јавно и многу јасно потврдува секојдневно дека е спремен да се бори да го достигне тој стандард, и всушност, во многу аспекти го достигнува и надминува. Стопанската комора може да биде мостот меѓу европските институции и македонските компании. Не само преку информирање, туку преку конкретна подготовка – поддршка која Комората би ја обезбедувала со поддршка на ЕУ делегацијата, во насока на обезбедување на подготвеност на нашите компании за исполнување на критериумите и барањата на ЕУ пазарот, но и доедукација на кадри за некои од клучните прашања за унапредување на економската соработка со ЕУ. И ние сме спремни тоа да го испорачаме, со Ваша поддршка“, “, рече Азески.
Клучни поенти од средбата
Амбасадорот Михалис Рокас нагласи дека е потребно продолжување на реформските процеси и понатамошно усогласување со стандардите на ЕУ, со активно учество на деловната заедница. Тој се осврна на извештај што треба да биде објавен на 30.09.2026 година и кој ќе сумира можности за постепена интеграција и пристап до единствениот пазар на ЕУ за земјите кандидати, како и на можностите што би се отвориле доколку се одржи темпото на спроведување на обврските од Реформската агенда.
Глигор Цветанов, претседател на Бизнис Клубот Европа, посочи дека компаниите се волни и спремни да работат на целосно приклучување кон единствениот пазар, но дека се соочуваат со бројни прашања поврзани со правилата и стандардите на пазарот. Тој посочи дека фирмите во земјава често мора да ги исполнуваат истите обврски како компании формирани во ЕУ, а сепак не ги користат истите поволности (на пр., структурни и кохезионни фондови или слободни трговски спогодби склучувани од ЕУ), што ја става економијата во специфична положба и го прави предвременото економско приклучување значајно.
Во дискусијата што следеше, членовите на Управниот одбор и на Бизнис Клубот Европа разменуваа мислења со амбасадорот Рокас за приоритетните проблеми на компаниите во соработката со ЕУ, за чекорите кои би помогнале во „одблокирање“ на пристапните преговори и за значењето на владеењето на правото како предуслов за забрзана интеграција и создавање услови за конкурентен раст на македонските компании.
На крајот од средбата беше потврдена важноста на континуираниот дијалог меѓу бизнис-заедницата и институциите на ЕУ и изразена беше подготвеност за продолжување на соработката и заедничките активности во насока на поддршка на ЕУ-перспективата и на економскиот напредок на земјата.
Фото: прес-материјал од настанот


