Каков е соодносот на просечната плата и цените на горивата во Македонија и во регионот?
Пресметка на Дејан Димовски открива колку литри дизел може да се купат со просечна плата во Македонија и во други земји од регионот.

Според пресметката на Дејан Димовски од „Инженери на Македонија", поевтиниот дизел на бензинската пумпа не значи автоматски и поголема можност граѓаните да наточат повеќе гориво.
Димовски ги споредил цените на дизелот и платите во девет земји од регионот и покажал дека кога цената на литар дизел ќе се стави во однос со просечната или минималната плата, резултатите се значително различни.
Што покажува пресметката
Дизелот во Македонија од 22 септември чини 104 и пол денари за литар, откако поскапе за пет и пол денари. Премиерот Христијан Мицкоски во повеќе наврати повторува дека Македонија има најевтини горива во регионот, а неодамна тврдеше и дека тие се убедливо најевтини во Европа. Но според табелата на Димовски, со една просечна плата во Македонија може да се купат околу 464 литри дизел, наспроти 851 во Словенија, 775 во Хрватска и 610 во Грција.
Токму овие разлики ја отвараат пошироката слика за тоа колку цената на горивото тежи врз стандардот на граѓаните: ниската цена на пумпа може да биде неутрализирана од пониските плати и со тоа вистинската куповна моќ за гориво да остане скромна.
Владата досега интервенираше со намалување на акцизата, а за дизелот во моментов се применува и намалена стапка на ДДВ од 10 наместо 18 проценти. По последното поскапување на дизелот за пет и пол денари, нов пакет дополнителни мерки засега не е донесен. Министерката за енергетика Сања Божиновска најави дека Владата ќе разгледува нови интервенции доколку растот на цените продолжи, но засега остануваат постојните механизми.
Фото: прес-материјал од настанот


