Почетна
Македонија

Кочанскиот суд го отфрли барањето на Ива Михајлова да ѝ ги вратат пасошите

Адвокатот Насер Рауфи најави жалба пред Апелациониот суд во Штип откако судот ја одби молбата за лекување во странство.

·Македонија
Кочанскиот суд го отфрли барањето на Ива Михајлова да ѝ ги вратат пасошите

Кочанскиот суд го отфрли и последното барање на 23‑годишната Ива Михајлова да ѝ се вратат земените пасоши за да замине на лекување во странство поради повреден рбет.

Михајлова е обвинета за предизвикување сообраќајна несреќа со жртва и ѝ се одземени пасошите во кривичната постапка. Одбраната наведува дека доставила медицинска документација според која таа не може да се лекува во земјата, а предметот стекна широк публицитет и во Бугарија бидејќи обвинетата се изјаснува како Бугарка и има двојно државјанство.

“Известен сум од судот дека и последното барање за привремено враќање на пасошите за да се овозможи лекување во странство е отфрлено за мојата клиентка. Иако судот бараше конзилијарно мислење од лекари-специјалисти и тоа беше обезбедено и доставено, сепак судот го отфрли барањето. Одлуката ќе ја обжалам на втор степен, пред Апелациониот суд во Штип, во понеделник“, ни изјави телефонски, адвокатот Насер Рауфи.

Лани во октомври, Михајлова учествуваше во сообраќајна несреќа кај Кочани кога имаше еден загинат, а повеќе лица, меѓу кои и обвинетата, беа тешко повредени. Михајлова го негира обвинението, а обвинителството тврди дека таа ја предизвикала трагичната сообраќајка.

Политички и безбедносни импликации

Поради нејзиното етничко изјаснување како Бугарка и двојното македонско‑бугарско државјанство, случајот го следи Софија преку тамошното Министерство за надворешни работи и бугарската амбасада во Скопје.

Двајца пратеници од бугарската десничарска партија „Преродба“, кои имаа судски забрани за влез во земјата, минатата недела сепак ја преминаа границата кај Делчево и беа присутни на рочиштето во Кочани. Пратениците Крсто Врачев и Ангел Георгиев остро ја коментираа судската постапка, со навреди упатени кон обвинителот, судиите и правната држава.

По објавени информации за премин на лица со забрана за влез, МВР соопшти дека ќе се утврдува дали има пропусти на граничните службеници и дека Внатрешната контрола ќе го истражи случајот. Националистичката „Преродба“ и неколку радикални групи во Бугарија продолжуваат да користат навредлив и негаторски јазик за македонскиот народ и македонскиот јазик.

Миомир Серафиновиќ

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи