Почетна
Магазин

Кој е Свети Спасо (Анастасиј) Радовишки — живот, празник и молитви

Македонските верници денес ги чествуваат новомаченикот Свети Анастасиј–Спасо од Радовиш, како и Григориј Синаит, Свети Емилијан и Свети Мирон.

·Магазин
Кој е Свети Спасо (Анастасиј) Радовишки — живот, празник и молитви

На 21 август (8 август по стар стил) Македонската православна црква и нејзините верници чествуваат повеќе значајни светители, меѓу кои посебно место зазема македонскиот новомаченик Свети Анастасиј од Радовиш, народно познат како Свети Спасо.

Свети Анастасиј (Спасо) е роден во Радовиш во 1774 година. На околу 20-годишна возраст родителите го испратиле во Солун за да учи занает, каде што бил присилуван да премине во ислам. Откако одлучно одбивал да се откаже од својата христијанска вера, бил подложен на тешки измачувања. Одејќи кон бесилката, измачениот Анастасиј паднал и ја предал својата душа на Господа на 11 септември 1794 година во Солун. Неговото житие по смртта го напишал преподобниот Никодим Агиорит. Во списокот на денешните чествувани е и маченикот Тријандафил, кој исто така пострадал за Христовата вера во Цариград во 1680 година.

Свети Спасо има издвоено место во својот роден град: на 21. 08. 2008 година Митрополитот Брегалнички г. Иларион отслужи света архиерејска литургија во храмот „Света Троица“ во Радовиш. По литургијата, и по молитвата по повод почетокот на новата учебна година, Митрополитот — по предлог на верниците и во присуство на ктиторот на храмот г. Ристо Гуштеров, Градоначалникот на Општина Радовиш, Претседателот на Советот и Пратеникот од општината — го прогласи Свети Спасо Радовишки за заштитник и патрон на градот; предлогот беше прифатен од локалните власти и благословен од Митрополитот Иларион.

Тропар на Свети Анастасиј Радовишки (глас 4)

„Божествен плод на Радовиш, голема пофалба на Солун си се покажал, новомаченику Спасо, храбро си Го исповедал Господа и заради Него си ја пролеал крвта своја. Затоа моли Го Бога да им подари на оние кои те слават непрестаен мир и голема милост.“

Други светители што ги чествуваме денес

Во официјалниот календар на МПЦ-ОА денес се слават и други големи учители. Преподобен Григориј Синаит, кој бил замонашен на гората Синај и околу 1330 година го раширил учењето за умствената Исусова молитва и созерцанието низ Света Гора, Македонија и Балканот. Тој му ја напишал својата житија на Калист, патријарх Цариградски и е автор на припевот „Достоино ест“ што се пее на воскресната полуношница; неговите списи за умствената молитва се застапени во Добротољубието.

Свети Емилијан Исповедник, епископ Кизички, остава пример за непоколебливост откако одбил да ги спроведе декретите за исфрлање на иконите за време на иконоборечкиот цар Лав Ерменин; заради тоа поминал пет години во прогонство. Свети Мирон Чудотворец, епископ Критски, е познат по својата милосрдност и добрина — една од преданијата вели дека му помогнал на непознати крадци да ги наполнат вреќите со жито од своето гумно за да побегнат; поради ваквите добродетели бил ракоположен за епископ и правел големи чуда.

Тропари за лична молитва

Тропар на Преподобен Григориј Синаит
„Твојот подвиг, Григорие свети, стана мирна вода која со Изворот се соедини, од земниот живот твој ангелите столб благодатен кон Небото подигнаа. Срцето за Христа подготвено, светлината на Духот да ја скрие не можеше пеејќи непрестајно, незапирливо – Господи Исусе Христе помилуј нѐ. И нас, сега, спомни нѐ од местото на Светлината нетлена.“

Тропар на Свети Емилијан Исповедник
Спасителот, поради аскетското подвижништво твое, те постави ѕвезда водилка за паствата православна, и исповедник на иконата света. Преку море на тегоби и злоставување, победи Вистината во тебе, Емилијане, пастиру свет, и Христос нашиот Бог во небесните живеалишта те поведе, од каде сега ти моли се за наше спасение.“

Тропар на Свети Мирон Чудотворец
„Радувајте се, маченици свети, ете Мирон достојнославен раце подигна кон Небото од земната Црква, во слава Божја и чест ваша. А ти, епископе свети, кој благодатни чудеса во име Христово покажуваш, спомни нѐ пред Оној Кој добродетелниот твој живот го награди и те поведе во вечноста да слушаш зборови неискажливи.“

Фото: Принтскрин\/ Денови.мк

Поврзани написи