Почетна
Политика

Кој ќе ги одржува италијанските хеликоптери „Леонардо“? Синдикатот алармира за одлив на професионалци, МО тврди дека има обучен кадар

Синдикатот тврди дека десетици техничари останале без работа, Министерството одговара дека персоналот е обучен и дека првите хеликоптери доаѓаат наскоро.

·Политика
Кој ќе ги одржува италијанските хеликоптери „Леонардо“? Синдикатот алармира за одлив на професионалци, МО тврди дека има обучен кадар

Кој ќе ги одржува новите италијански хеликоптери „Леонардо“ се најде во центарот на спротивставени тврдења: Независниот синдикат на професионални војници алармира за масовен одлив на стручен кадар од воздухопловниот ВИНГ, додека Министерството за одбрана тврди дека потребните пилоти и техничари веќе ја имаат завршено обуката.

Обука, рокови за испорака и кадровски празнини

Министерството во март 2024 официјално објави дека набавката на осум хеликоптери „Леонардо“ — четири AW149 и четири AW169M — е придружена со логистички пакет во кој е изречно наведена „комплетна обука на летечкиот и техничкиот персонал“. Во договорот е предвидено хеликоптерите да се испорачуваат од втората половина на 2026 до крајот на 2028 година, а од министерството посочија дека се очекува првите два хеликоптера да пристигнат "до крајот на годинава."

Александар Насковски, претседател на Независниот синдикат на професионални војници, преку социјални мрежи оцени дека состојбата во воздухопловниот ВИНГ е "катастрофална" и бараше објаснување дали техничарите кои биле на обука во Италија ја положиле обуката, напоменувајќи дека таа обука била финансирана во рамките на цената на хеликоптерите.

"Дали поради недостиг на воздухопловен стручен кадар, сте ангажирале пензиониран припадник од ВИНГ-от да работи со договор на дело за дополнителни парични средства, иако ја зема и својата пензија?!" напиша Насковски и додаде дека "во изминативе две години се избркаа од ВИНГ-от десетици професионални војници – техничари што сега се невработени, а во меѓувреме Министерството ги враќа на работа пензиониерите и плус им плаќа дополнително за работа на хеликоптерите." Тој го обвини министерството дека целосно ги брка професионалните војници за да не стекнат право на пензија.

Во одговорот до барањата за информации, Министерството за одбрана посочи: "Во однос на обуката на пилоти и воздухопловно-технички кадар (инженери и техничари), а во согласност со договорот Влада со Влада, ве информираме дека досега во два наврата се испратени потребен број персонал на обука, од кои првата група пилоти ги положиле завршните испити, а за втората група пилоти обуката е во тек. Целокупниот воздухопловно-технички персонал успешно ја има завршено потребната обука и се квалификувани за одржување на воздухопловите." Министерството, исто така, негираше дека ангажирало пензионирани воздухопловни техничари за работа поврзана со италијанските хеликоптери.

Во врска со одливот на кадар, министерството појасни дека за 2024 и 2025 година распишало конкурси за прием на нови млади лица кои сега работат во состав на Армијата и се дел од ВИНГ, и дека континуирано се врши обука во единицата и во сојузничките земји. Министерството додаде дека службата кај дел од лицата во ВИНГ престанала "по основ на лично барање и поради навршени 45 години", и дека дел од нив подоцна се вработени како цивилни лица во МО и во Армијата. Дополнително, министерството нагласи дека војниците во системот на воздухопловно-техничко одржување имаат статус на помошници, а не директни извршители и потписници на реализираните активности на воздухопловите.

За да се премости транзицијата од источни на западни платформи, Министерството потврди дека го враќа во функција Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец. За таа намена е склучен договор со едно лице за периодот од 4.6. до 31.12.2026 година со месечен надоместок од 35.000 денари, а ангажманот е поради потребата од премостување на јазот при смената на платформите.

Фото: Илустрација / ЕРА/MAXIM SHIPENKOV

Поврзани написи