Почетна
Македонија

Колку пари се искористија од унгарскиот кредит?

Делумни трансфери и стотици одобрени општински проекти — јасна е отплатата на еврообврзницата, но реалната исплата кон општините сè уште се утврдува.

·Македонија
Колку пари се искористија од унгарскиот кредит?

Парите од унгарската милијарда стигнаа на сметките кон крајот на 2024 и почетокот на 2025 година, но според утврдениот распоред сè уште има средства за трошок; јавноста сè уште има само делумна слика за тоа што е навистина исплатено и реализирано.

Што е префрлено, а што останува

Министерството за финансии соопшти дека завчера во државната Развојна банка се префрлени уште 2,9 милиони евра за поволни кредити за компаниите. Со тој трансфер, до сметките се префрлени 239 милиони евра од вкупно 250 милиони евра наменети за општините, односно за трошење остануваат уште 11 милиони евра.

Кредитите за компаниите се пласираат преку Развојната банка, а подоцна преку комерцијалните банки, со камата од 1,95%, рок на отплата до 15 години и грејс-период до три години. До Развојната банка беа упатени прашања дали деловните банки ги реализирале сите кредитни линии и за кои дејности најмногу се позајмувало, но засега нема одговор.

Милијардата од Унгарија беше испланирана вака: 500 милиони евра за отплата на еврообврзница, 250 милиони евра за проекти за општините и 250 милиони евра за компании преку поволни кредити. Состојбата со еврообврзницата е јасна: Министерството за финансии официјално соопшти дека на 20 јануари 2025 година ја исплатило целата еврообврзница од 500 милиони евра. Заемот од унгарската Ексим-банка е со камата 3,25%, рок 15 години и тригодишен грејс-период, така што исплатата беше објавена како „заштеда на пари”.

Она што најмногу недостасува е прецизна информација за тоа колку од парите наменети за општините веќе се искористени на терен. Министерството за локална самоуправа наведува дека досега за општините се одобрени проекти во вкупна вредност од 300 милиони евра, но нагласува дека треба да се прави разлика меѓу одобрени средства, склучени договори и фактички исплатени средства.

Во рамките на двата јавни повика биле одобрени вкупно 1.116 инфраструктурни проекти во општините. Во првиот јавен повик беа одобрени 288 проекти во вредност од 4.580.898.046,00 денари (74,5 милиони евра), додека во вториот јавен повик се одобрени 828 проекти во вкупен износ од 13.868.138.877,00 денари (225,5 милиони евра). Министерството посочува дека во соработка со надлежните институции ги усогласува податоците за досега извршените трансфери и исплати, за да им се овозможи на граѓаните прецизна и целосна информација. За следење на проектите и нивната финансиска рамка Министерството го посочува и централизираниот портал projekti.gov.mk.

Министерството додава дека неговата надлежност за проектите финансирани од унгарскиот кредит е ограничена на прием и обработка на апликациите, а понатамошната реализација се одвива според одлуките на Владата и распределбата на надлежностите меѓу институциите. Со преземањето на функцијата од страна на министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, една од определбите на Министерството е да се обезбеди дополнителен увид во реализацијата на проектите и на терен.

На крајот на јули, унгарските медиуми објавија дека новата влада на Унгарија го заострува надзорот над голем финансиски договор склучен од претходната администрација. Премиерот Петер Маѓар најави сеопфатна истрага за трансакцијата, која беше олеснета преку државната унгарска Експорт-импорт банка; за тоа беше кажано дека е „дел од поширок напор за испитување на потенцијалното лошо управување со јавните средства за време на долгиот мандат на Виктор Орбан“.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи