Комеморација во чест на Сашо Миленковски
Колеги и најблиски се собраа да го одбележат придонесот на режисерот кој донесе нов театарски јазик и реализираше над 50 претстави.

Во Драмскиот театар се одржа комеморација во чест на Сашо Миленковски, на која колеги, актери и членови на семејството ги споделија сеќавањата за режисерот и драматургот чија работа остави траен печат во современиот македонски театар.
Миленковски припаѓаше на генерацијата режисери кои на почетокот на 90‑тите години донесоа нова естетика и современ театарски јазик, со силен творечки импулс што влијаеше врз сцените и начините на работа во регионот.
„Многу важни работи научив од Сашо Миленковски за режијата и театарот затоа што тој не седнуваше да ми објасни како се режира, туку ми овозможи да бидам до него, да гледам како работи и како размислува за одредена сцена, барајќи ритам,“ се присети режисерот Синиша Евтимов при опишувањето на нивните први средби и подоцнежната соработка.
Режисерот кој бараше „нерв“ и создаваше луѓе
„Не го интересираше удобниот театар, бараше нерв, бараше живост. Нешто што ќе ја помести сцената и човекот во неа. Мислам дека токму тука беше неговата најголема сила. Не само што создаваше претстави, туку создаваше и луѓе околу претставите. Имаше редок талент да препознае некого и да му даде доверба пред тој самиот целосно да поверува во себе,“ додаде Евтимов.
Актерката Весна Петрушевска го опиша неговиот однос кон актерите и желбата за истражување: „Тој неверојатно многу ги сакаше глумците, како ретко кој режисер. Сакаше да истражува нови работи во театарот и за мене тој беше алхемичар. И постојано ги држеше актерите на сцена низ својот нишан. Имаше прецизен нишан.“
Во текстот што го пренесе актерот Предраг Павловски, Венко Андоновски забележа: „Ниту еднаш не се случи да ја постави онаа претстава што јас ја гледав во својата глава, секогаш тоа беше различно од моите визии и секогаш претставата што ја гледав ми се допаѓаше многу повеќе од мојот текст и од мојата сценска замисла за неа.“ Павловски, пак, рече: „Сашо беше мајстор од апсурдноста на светот да направи смисла, тој инјектираше смисла дури и во најбесмислените животни драмски епизоди. Бараше смисла во аморфното, беше како дете кое во аморфната маса облаци на небото препознава фигури. Тие фигури ги правеше видливи и јасни за театарската публика.“
Ќерката Сара Миленковска зборуваше за неговиот личен и воспитен допринос: „Ме научи да не почитувам никаков авторитет и заради тоа да сме тоа што сме јас и Хана и од таму да имаме храброст да бидеме најдоброто од тебе и на тој начин да го правиме тоа што го правиме.“
Во текот на четири децении творечка работа, Сашо Миленковски реализираше повеќе од 50 режии на сцени во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Бугарија, за што доби повеќе награди и признанија.
Фото: прес-материјал од настанот


