Кос: Црна Гора мора да ги реши билатералните спорови со Хрватска
Европската комесарка рече дека согласност од сите 27 земји-членки е потребна за понатамошен напредок; цел членство во 2028 година.

Европската комесарка за проширување Марта Кос изјави дека Црна Гора мора да ги реши отворените билатерални прашања со Хрватска доколку сака да продолжи кон членство во Европската Унија.
Кос нагласи дека иако овие спорови не се формален дел од преговарачкиот процес, понатамошниот напредок бара согласност од сите 27 земји-членки.
Рокови: пристапен договор до летото 2027 и членство во 2028
Комесарката го поздрави напредокот на Црна Гора во евроинтеграциите и оцени дека потпишувањето на пристапниот договор до летото 2027 година е реална цел, со амбиција земјата да стане членка на ЕУ во 2028 година. Таа посочи дека усвоените уставни измени ја приближуваат земјата до затворање на Поглавјето 23, кое се однесува на правосудството и основните права.
Во врска со прашањето за величење на воените злосторници, Кос порача дека „таквите појави немаат место во ЕУ“, додавајќи дека помирувањето и почитта кон жртвите се клучни европски вредности.
Кос додаде дека претстојниот самит на Берлинскиот процес во Будва ќе претставува можност дополнително да се зајакне европската перспектива на Црна Гора.
Фото: прес-материјал од настанот


