Почетна
Балкан

Косовскиот парламент усвои декларација и ја отфрли како неприфатлива пресудата против ексводачите на ОВК

Декларацијата го отфрла заклучокот за заедничка криминална намера и повикува на правни и дипломатски мерки.

·Балкан
Косовскиот парламент усвои декларација и ја отфрли како неприфатлива пресудата против ексводачите на ОВК

Парламентот на Косово денеска усвои декларација со која ја отфрла како неприфатлива пресудата од првостепеното судење на Специјализираните совети во Хаг против поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК).

Пратениците бараат координирани правни и дипломатски дејствија

Декларацијата беше изгласана со 99 гласа „за“ и без ниту еден „против“ или „воздржан“. Со неа пратениците ги повикуваат институциите во Косово да преземат координирани правни, институционални и дипломатски дејствија за заштита и афирмација на, како што се наведува, историската вистина за војната на ОВК.

Во документот пратениците го отфрлаат како неприфатлив заклучокот дека постоела заедничка криминална намера кај поранешните водачи на ОВК Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими. Текстот на декларацијата претходно беше усогласен меѓу сите албански пратенички групи и пратениците што ги претставуваат заедниците кои не се српски; пратениците на Српска листа не беа присутни на седницата.

Во декларација дополнително се наведува дека „во периодот од 1998 до 1999 година постоел заеднички криминален потфат за протерување на Албанците од Косово“ и се нагласува дека вистината за ослободителната војна, правдата за жртвите и нивните семејства, како и правото на обвинетите на правично судење, се прашања од интерес на Косово кои парламентот ќе ги брани бескомпромисно.

Минатата недела Демократската партија на Косово предложи законски измени со кои би се ограничила надлежноста на Специјализираните совети, би се скратил периодот на кој се однесуваат предметите, а максималната казна би изнесувала 15 години. Предложените измени предвидуваат и казните да се издржуваат во Косово, како и можност за помилување од страна на претседателот.

Специјализираните совети на Косово во Хаг на 16 септември годинава им пресудија по 25 години затвор на Хашим Тачи и Јакуп Красниќи, 18 години затвор на Кадри Весели и 13 години на Реџеп Селими, прогласувајќи ги за виновни за воени злосторства извршени за време на војната во Косово.

Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Поврзани написи