Кузманоска: Инвестициите и извозот го забрзаа економскиот раст од 4,3% во Q2 2026
Пратеничката ги поврзува податоците за Q2 2026 со инвестициско-извозна динамика и вети мерки за преточување на растот во работни места и повисоки приходи.

Пратеничката Биљана Кузманоска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција оцени дека економскиот раст од 4,3 проценти во вториот квартал од 2026 година е резултат на силен скок на инвестициите, извозот и градежништвото.
Според неа, статистичките податоци покажуваат дека растот е заснован на реална економска активност: „Во вториот квартал од 2026 година, бруто-инвестициите растат за 16,5 проценти, а извозот на стоки и услуги за 10,4 проценти. Особено силен резултат бележи градежништвото со раст од 21,9 проценти, додека преработувачката индустрија расте за 4,1 проценти. Ова се важни показатели за структурата на растот“, посочи Кузманоска.
Таа нагласи дека зголемените инвестиции создаваат нови капацитети, додека извозот им помага на македонските компании полесно да најдат пазари надвор од земјата.
Насочување на економската политика
„За нас ова е особено важно бидејќи целта не е краткорочен резултат, туку одржлив економски раст кој создава нова вредност. Затоа економската политика и понатаму ќе биде насочена кон поттикнување на инвестициите, поддршка на компаниите, реализација на капиталните проекти и подобрување на конкурентноста на македонската економија“, нагласи пратеничката.
Кузманоска објасни дека конечната цел е подобрување на животниот стандард преку отворање нови работни места и зголемување на приходите за граѓаните: „Следниот чекор е овие позитивни движења да се преточат во она што е најважно за граѓаните, а тоа се повеќе можности за работа, повисоки приходи и подобар животен стандард. И Додека талогот од општеството ликува на неуспеси и единствено што сака е Македонија да не успее, ние ќе работиме исклучиво на добробитот на граѓаните“, заклучи таа.
Фото: прес-материјал од настанот


