Листата на национални координатори порасна — поранешни министри и прашања за плати и надзор
Во списокот има 15 назначени, но експертите предупредуваат на правни празнини, преклопувања и трошоци.

Листата на национални координатори што Владата ја достави во одговор на Телма сега брои вкупно 15 лица, по додавањето на двајца поранешни министри, што ги разбуди прашањата за правната основа, надлежностите, платите и надзорот над овие позиции.
Како најнови засилувања се наведени поранешниот министер Љутков, кој од министер премина во национален координатор за култура, и Шабан Салиу, кој сега, наместо министер, е координатор за стратегијата за инклузивност на Ромите. Салиу, како што е познато, и натаму ќе присуствува на рочиштата како обвинет за трагедијата во кочанскиот „Пулс“. Владата во својот одговор посочува дека националните координатори се именувани согласно Закон за Влада и со Владината програма.
Дупки во регулативата
Во одговорот на владата стои: „Националните координатори се именувани согласно Законот за Влада и се согласно приоритетните области што ги има дефинирано Владата во делот на образование, здравство, демографија и млади, локална самоуправа, туризам, медиуми, а во согласност со приоритетите дефинирани во Програмата. Дел од координаторите се и дефинирани согласно одделни материјални закони, како во делот на здравството и медијацијата. Согласно областа вршат координација, ја унапредуваат соработката помеѓу засегнати страни, ја претставуваат Владата на највисоко ниво во делот на областа што ја покриваат, обезбедуваат и меѓуинституционална соработка, предлагаат мерки и активности за ефикасна реализација на националните стратегии“, се наведува во одговорот на владата до Телма.
Аналитичарите и експертите, сепак, предупредуваат дека законски регулирани се само две позиции — координаторот за гранично управување и неговиот заменик — додека останатите национални координатори остануваат во сива зона. Неда Малеска Сачмароска од Центарот за управување со промени (ЦУП) вели дека за ваквите работни позиции не постои јасен опис на надлежности, статусот во системот и начинот на избор и надзор.
„За ваквите работни позиции воопшто не е предвидено јасен опис на надлежности, нивните улога, статусот во системот. Не се знае кому одговараат, не се знае како овие надлежности и дали се преклопуваат со надлежностите на министерствата, на министрите, на замениците министри и државните секретари, ниту пак, освен дека треба да одговараат пред владата, логично бидејќи владата ги именува, како ја извршуваат оваа своја координативна улога. Значи никаде не се пропишани. Велам ниту е пропишана, ниту е јасно елаборирана во системот и во одговорностите кој, кому и пред кого одговара и за што“, вели Неда Малеска Сачмароска од ЦУП .
И покрај најавите за штедење и намалување на администрацијата, шемата за плати се прошири: во мартовската одлука за коефициенти за функционерски плати се наведени дури 24 национални координатори и тројца заменици, иако до сега се назначени само 15. Многумина од именуваните се и имиња на министри, а платата по коефициент 2,33 изнесува околу 106.000 денари месечно, без додаток за стаж. Некои, како Павле Трајанов, во анкетните листови пријавиле и доход од 2.000 евра.
Од вкупно 15 назначени национални координатори, само шестмина ги пријавиле имотните листови во Антикорупциската комисија; девет места на листата остануваат непополнети, вклучително и законски предвидениот координатор за гранично управување и координатор за одговорно владеење и транспарентност — клучна алка во борбата против корупцијата. „Трошиме сериозни финансиски средства. Значи половина милион евра отприлика годишно се трошат за овие 24 позиции“, истакна Малеска Сачмароска.
Фото: прес-материјал од настанот