Почетна
Македонија

Локалните власти не ги есапат младите — формирани се младински центри само во 13 од 80 општини

Рокот од пет години за формирање младински центри истече во јануари 2025 година, а мнозинството општини се уште немаат центри утврдени со законот.

·Македонија
Локалните власти не ги есапат младите — формирани се младински центри само во 13 од 80 општини

Само во 13 од вкупно 80 општини во Северна Македонија се формирани младински центри кои барем делумно ги исполнуваат законските норми, покажува извештајот за исполнување на Законот за младинско учество и младински политики за 2025 година на Националниот младински совет (НМСМ).

Законот, донесен во 2020 година, на секоја општина ѝ наложуваше да воспостави младински центар и да обезбеди 50 до 70 отсто од неговиот буџет; општините имаа пет години од влегувањето во сила на законот за да го сторат тоа. Рокот истече во јануари 2025 година.

„Во Северна Македонија функционираат вкупно 13 младински центри во Центар, Куманово, Липково, Пробиштип, Велес, Кавадарци, Битола, Струмица, Македонски Брод, Охрид, Боговиње, Новаци и Гостивар, што се нешто повеќе од 16 отсто од општините. Дури има намалување за еден центар во споредба со 2024 година“, соопштуваат од Националниот младински совет (НМСМ) во својот извештај за 2025 година.

Во извештајот се вели дека само во осум општини (10 отсто) младинските центри исполнуваат законски и стандардни критериуми; седум центри имаат програма за работа; две општини не одвоиле средства за активностите на младинскиот центар. Услугите и механизмите што законски требаше да се обезбедат за младите во голем дел остануваат нефункционални.

Предложени измени: одговорност, намена на средства и јавен избор на оператори

Коалициите и мрежите на младински организации кои поднесоа предлог-измените до пратениците бараат воведување механизми за одговорност и појасни правила за финансирање. Клучната измена предвидува казна за градоначалник кој нема да направи младински центар, нема да формира канцеларија за млади или нема да назначи службеник за млади. Исто така, младинските центри би станале обврска на општините, а организација-раководител би се избирала преку јавен повик. Предвидена е и консолидирана намена на 0,3% од државниот буџет во наменска „Програма за млади“ за поголема транспарентност и насоченост.

Измените се доставени до Собранието, но сè уште не се ставени во формална процедура и се чека институционален чекор за нивно отворање и разгледување. Во меѓувреме, локални младински совети има само во 24 општини (29.63 отсто), што е за 4 општини или 4.94 процентни поени помалку отколку на почетокот на 2024 година. Само девет општини го издвоиле законскиот минимум од 0,1 отсто од буџетот за млади, а 13 општини одвоиле средства за конкретни одредби од законот, како центар или локален совет.

Фото: Младински центар Битола

Поврзани написи