Почетна
Македонија

Метеоролозите кажаа кога може да земеме малку здив од горештините

Топлотниот бран ќе трае неколку дена, а од четврток се очекува поројно невреме и пад на температурите.

·Македонија
Метеоролозите кажаа кога може да земеме малку здив од горештините

Периодот на екстремно топло време со температури до 40 степени ќе се задржи во поголемиот дел од неделата, велат синоптичарите, но промена се очекува од четврток кога ќе пристигне краткотрајно олабавување.

Денешните мерења во 17 часот покажаа највисоки температури во Кавадарци и Велес, каде беше измерено 38,8 степени, додека во Скопје температурата достигна 37,6 степени. Најсвежо во тоа време беше на Попова Шапка со 21,7 степени.

За следните два дена прогнозата најавува сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Попладне, на поединечни места ќе се појави краткотрајна нестабилност проследена со пороен дожд и грмежи.

Четврток ќе донесе дестабилизација

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) најавува дека во четврток ќе пристигне промена на временските прилики: дестабилизација на атмосферата проследена со поројни врнежи од дожд, електрични празнења, засилен ветер и пад на температурите за неколку степени.

Во четврток и петок се очекува значителна промена на времето со поројни врнежи, грмежи и засилен северен ветер. Метеоролозите предупредуваат дека локално процесите може да бидат во форма на невреме.

Поради нестабилноста дневните температури ќе забележат пад и во петок ќе се движат во интервал од 32 до 38 степени, додека утринските минимални температури на повисоките места ќе се спуштат и до 10 степени.

Фото: Слободен печат /Методи Здравев

Поврзани написи