Почетна
Македонија

Мицкоски ја искритикува опозицијата во говорот за 35 години независност

Во говорот на 8 септември тој рече дека проекти како дата центри и владин авион остануваат за народот и ги повика политичките противници на дијалог.

·Македонија
Мицкоски ја искритикува опозицијата во говорот за 35 години независност

На прославата по повод 35-годишнината од независноста, на 8 септември, Христијан Мицкоски ја упати острата критика кон опозицијата, обвинувајќи ја дека намерно ги кочи реформите и внесува сомнеж и поделби и за време на националната прослава.

Мицкоски рече дека неговите политички противници шират песимизам и дека се против сè што, според него, ја носи државата напред — од болници и патишта до нов клинички центар, инфраструктурни објекти за општините, брза железница и покачувања на плати и пензии.

„Разбирам дека нивната главна задача е да извалкаат се што носи напред, да поделат да внесат сомнеж во се што се прави, дури во радоста и прославата за овој 8ми септември. Тука се безброј прашања, квалификации и одредници од кои човек треба да се разочара. Тие се фабрика за произведување безнадежност, очај и нихилизам. Омраза која го труе општеството, пера кои клеветат, навредуваат. Како на норма. Таквата губитничка политика треба да нè повлече сите надолу. Секој млад човек да почне да се колеба, да нè прикажат дека сме сите исти кога и сме толку многу различни. Тие се против сè што оди напред. Против болници, против патишта, против нов клинички центар, против инфраструктурни објекти за општините какви градиме, против брза железница, против покачени плати и пензии. Против дата центри, против нови инвестиции. Ако се каже треба нов владин авион, тие веднаш скокаат и велат се луксузирате. А не бројат колку животи ќе се спасат бидејќи тој авион е и за таа цел. Тоа е кусогледата политика. А на крајот кога ќе заврши сето ова, ниту дата центрите, ниту болниците, ниту училиштата по општините ниту авионот ќе го земам со себе, тоа останува на граѓаните на државата, за народот. И многумина ми велат да не се повлекуваме, но јас сум разумен човек, давам шанса на дијалогот, затоа што верувам дека доброто секогаш го победува злото, и затоа што политиката е вештина на дијалогот, кој е попаметна и поцелисходно од поларизирањето и блокирањето. Ќе градам мостови, ќе подавам рака за прашања важни за нашата иднина и нема да се откажам од тоа да нудам дијалог, затоа сечија суета, па и мојата не значат ништо кога во прашање е Македонија“, рече Мицкоски.

Довербата како предуслов за разговор

Мицкоски истакна дека постојат точки за кои не смее да се прави компромис, поврзувајќи ги со националниот идентитет и историската меморија. Тој посочи дека пред да се водат суштински преговори потребно е да се создаде доверба и наведе конкретни правни и културни прашања кои, според него, треба да се прифатат.

„Јас посакувам и јас работам да сме генерацијата која ќе ја внесе државата во Европската Унија. Нема друга алтернатива, точно е тоа. Но истовремено секој од вас треба да знае дека има уште еден последен предизвик кој што стои пред нас, не за да го завршиме патот туку да го почнеме. Не затоа што имаме некоја гаранција дека ќе стигнеме до целта, туку да го почнеме да го чекориме тој пат. И ќе ги слушнете сите оние лицемерни крици од немоќни од нашиот политички противници или барем дел од нив, кои што велат во една состојба на самозадоволување, решете го проблемот. А ни најмалку не се свесни дека тие се тие кои што во суштина го креираа проблемот, кој што од предлог прифаќајќи го на авантуристички начин создадоа услов за нашиот напредок кон полноправно членство во рамките на ЕУ. Истите тие кои што денеска ги слушаме како на отворена сцена не повикуваа да го решиме. И да ќе го решиме. Но треба трпение. Најпрво да се создаде доверба, а за да се создаде доверба треба да се престане да се игнорираат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница. Треба да се престане да се негира правото на мојот мајчин македонски јазик. Треба да се престане да се бараат корените на македонскиот народ како резултат на одлука на комунистичката коминтерна, туку да се прифати факт кој што е векови стар. Тоа се факти од кои што нема бегања, додека не ги прифатиме овие факти, тогаш нема доверба. А кога нема доверба нема ниту дијалог. Затоа најпрво ајде да создадеме доверба а потоа и да водиме дијалог. Дијалог без доверба не води кон никаде. Туку води кон нови проблеми и нови порази/“, наведе Мицкоски.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи