Мицкоски негира дека Македонија ќе остане без патоказ
Премиерот најави дека ќе бара разјаснување од Урсула фон дер Лајен и оцени дека за него е нелогично земјата да биде исклучена од новиот план.

Премиерот Христијан Мицкоски негира дека Македонија ќе биде изоставена од новиот патоказ на Европската унија и рече дека нема информации кои би ја потврдиле таквата тврдба. Тој најави дека ќе побара разјаснување од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при нејзината посета во петок.
"Не би сакал да коментирам информација на медиум. Имајќи предвид дека ние испорачавме најголем дел од реформите што се дел од Реформската агенда и од Планот за раст веќе во два извештајни периода и ако пристапувањето во ЕУ е процес кој се оценува врз основа на заслуги, за мене ова е нелогично. Затоа треба да видиме дали е така или не е, а моите информации велат дека не е така," изјави Христијан Мицкоски, премиер.
Според објави во медиумите, Европската комисија подготвува нов план со конкретни временски рамки и датуми за завршување на преговорите што би се однесувал првично само на четири земји: Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија. Мицкоски рече дека за него е нелогично да се исклучи Македонија и дека најпрво треба да се утврдат фактите.
Политички клима и европското проширување
Премиерот посочи дека политика што ја гради државата ја обликуваат настаните во регионот и во ЕУ: неуспешниот референдум во Исланд за рестартирање на преговорите, победите на политички структури во германски покраини кои се антимигрантски настроени и против проширувањето, како и претседателските избори во Франција напролет, на кои тој очекува да победи десничарката Марин ле Пен. Тој додаде дека би било добро да има и претставници од Европската комисија за аргументите да бидат слушнати објективно при прашањето за преговорите со Бугарија.
Опозицијата го критикува премиерот и тоа барање го оцени како неискрено. "Сето ова што го изјавува, дека е потребен некаков претставник е лага. Едноставно, човекот нема намера да го продолжи европскиот план на земјата. Фон Дер Лајен во 2022 година даде конкретен предлог, но тогаш од ВМРО ДПМНЕ ја исвиркаа со вувуземи. Јасен е патот напред, ако оваа шанса не се искористи, којзнае кога ќе имаме втора шанса," изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Од владата остануваат на ставот дека критериумите за членство треба да бидат јасни. Вицепремиерот и министер за европски прашања, Беким Сали, кој учествуваше на Конференцијата за Западен Балкан во Виена, побара праведен и предвидлив процес на проширување и оценување врз основа на објективни европски критериуми и постигнатиот напредок на кандидатските земји.
Фото: прес-материјал од настанот


