Почетна
Македонија

Мицкоски отпатува во САД: средби во Сенатот, Стејт департментот и на Генералното собрание на ОН

Премиерот денеска замина со владината делегација; прва станица Вашингтон, потоа учество на Генералното собрание во Њујорк.

·Македонија
Мицкоски отпатува во САД: средби во Сенатот, Стејт департментот и на Генералното собрание на ОН

Премиерот Христијан Мицкоски од денеска отпатува за Соединетите Американски Држави со владината делегација; во Вашингтон му се предвидени средби во Сенатот, во Конгресот и во Стејт департментот, како и разговори со финансиската институција ДФЦ и влијателни тинк-тенк организации.

Првата станица на делегацијата е Вашингтон, а потоа претставниците ќе заминат за Њујорк каде ќе учествуваат на годинешното Генерално собрание на Обединетите нации.

Агенда и клучни контакти

Како што рече премиерот во неодамнешното телевизиско интервју, на маргините на Генералното собрание веќе се потврдени бројни средби. Тој додаде дека фокусот ќе биде на средбите со претставници од земјите во соседството, но ќе се направат обиди и за билатерални разговори со делегации од Персискиот Залив.

„Во принцип, се ориентиравме на соседството, се разбира, тука е оној прием, нормално, од страна на претседателот на САД. Ќе се обидеме да имаме билатерални средби и со земји од Заливот, каде што цениме дека треба да градиме добри и солидни партнерски врски“, рече тој.

На прашање дали во агендата е и состанок со бугарската делегација, премиерот одговори дека таква средба засега не е предвидена.

Во врска со прашањето за условот на Бугарија за уставни измени и позицијата за гаранции, Мицкоски нагласи дека Владата води јасна и стабилна политика и не ја менува својата позиција преку ноќ.

„Ние ставовите не ги менуваме инстант или преку ноќ, зашто кога градиме став, тоа е процес што долго трае. Антиципираме сè што можеме во тој момент, така што нашите ставови се повеќеслојни, не се ставови што ад-хок ги градиме, па по потреба ги менуваме. Не правиме такви естрадни потези, водиме јасна политика која нуди гаранции на подолг рок. Тоа е стратегијата што ја има оваа Влада“, рече тој.

Во друго неодамнешно интервју со американски медиум, Мицкоски изјави дека се надева на средба со американскиот претседател Доналд Трамп или во Белата куќа или на маргините на Генералното собрание во Њујорк.

Фото: Принтскрин

Поврзани написи