Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија потпишаа меморандум за соработка
Меморандумот треба да ја зацврсти контролата над јавните пари преку заеднички обуки, размена на податоци и применa на европски стандарди.

Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија ја зајакнаа меѓуинституционалната соработка со потпишување на Меморандум за соработка, кој има цел да ја зголеми ефикасноста и одговорноста во управувањето со јавните финансии. Меморандумот беше потпишан од министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и главниот државен ревизор Максим Ацески.
Документот создава институционална рамка за координирано дејствување во откривање и спречување на неправилности, измами и коруптивни дејствија, како и за размена на експертиза, технички и аналитички капацитети помеѓу двете институции.
„Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија потврдуваат јасна политичка и професионална определба за силни институции, одговорно управување со јавните средства и нулта толеранција кон корупцијата. Ова партнерство не е само административен чекор, туку суштинска реформа, која дава основа за подобра координација, поголема транспарентност и поефикасна заштита на јавните средства. Нашата обврска е секој денар од домашните буџетски средства, како и секое евро од европските фондови, да биде потрошено законски, наменски, одговорно и во интерес на граѓаните“, истакна министерката на потпишувањето на Меморандумот.
Клучни активности и обуки
„Потпишувањето на овој Меморандум претставува воспоставување на бескомпромисен систем на институционална синергија, која преку конкретна примена на меѓународните ревизорски стандарди и операционализација на АФКОС мрежата, гарантира дека секој денар од даночните обврзници е заштитен од неправилности и измами. Со оваа соработка, ние не само што ја подигнуваме транспарентноста и отчетноста на највисоко ниво согласно европските вредности, туку директно го подобруваме квалитетот на услугите за граѓаните, осигурувајќи дека средствата на даночните обврзници се користат наменски во насока на испорака на квалитетни, навремени и континуирани услуги на граѓаните“, изјави главниот државен ревизор Ацевски.
Меморандумот предвидува размена на знаења и искуства преку работни средби, работилници, конференции, семинари и обуки. Вработените од Државниот завод за ревизија ќе можат да се вклучат како предавачи во обуките што ги организира Министерството за финансии преку Секторот – Академија за јавни финансии, додека експертите од Министерството ќе придонесуваат во програмите за континуирано професионално усовршување на вработените во ДЗР.
Во рамките на соработката е предвидена и редовна размена на стручна литература, сметководствени и ревизорски стандарди, методолошки прирачници, годишни програми за ревизорски активности, како и конечни ревизорски извештаи и акциски планови подготвени од јавните субјекти. Дополнително, предвидени се активности насочени кон подигнување на јавната свест за превенција и препознавање на неправилности и измами.
Членовите на власта посочија дека иницијативата следи добра пракса од земјите-членки на Европската унија и има за цел да ја зајакне институционалната основа, да ја подобри транспарентноста и да обезбеди дека јавните и европските средства се трошат законски и наменски за доброто на граѓаните.
Фото: прес-материјал од настанот