Министерството за здравство привремено го одложи БСЖ вакцинањето по нус‑појавите во Хрватска
Вакцинацијата е стопирана додека МАЛМЕД и институциите не достават податоци за серии, квалитет и евентуална врска со пријавените воспаленија на коските.

Комисијата за имунизација при Министерството за здравство донесе препорака за привремено одложување на вакцинацијата на новороденчиња со БСЖ вакцина, откако во соседна Хрватска беа пријавени несакани реакции поврзани со вакцина од истиот производител.
Временото одложување ќе важи сè додека Агенцијата за лекови (МАЛМЕД) не достави комплетни информации за сериите, за квалитетот и за евентуалната поврзаност со пријавените несакани реакции.
Пријавите во Хрватска
Хрватската агенција за лекови вчера ја запре употребата на БСЖ вакцината од бугарскиот Национален центар за инфективни и паразитски болести Бул Био додека не се спроведе вонредна контрола на вакцините и се утврдат можните причини за нус‑појавите. Здравствените власти во Хрватска добиле четири пријави за сомнеж дека вакцината предизвикала воспаление на коските (оститис и остеомелитис) кај мали деца.
„Имајќи предвид дека сакаме превентивно да делуваме, Комисијата даде препорака за времено одложување на вакцинацијата со БСЖ вакцината сè до моментот додека не ги добиеме комплетните информации, а тоа е дали сериите коишто во моментов се користат во Хрватска соодветствуваат со сериите во нашата земја и дали МАЛМЕД, заедно со Институтот за јавно здравје и со Министерството, ќе истражат дали ќе се јават некои дополнителни несакани реакции што ќе се пријават. Во моментот такви информации немаме“, вели д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација.
Педијатрите предупредуваат дека воспалението на коските е сериозно заболување кое не би можело да остане незабележано. „Досега навистина немаме регистрирано остеомелит како компликација на БСЖ вакцина. Нема потреба да се прави паника кај родителите“, вели доктор Ставриќ.
Министерството за здравство информира дека во изминатите 10 години до МАЛМЕД е пристигната само една пријава за сомнеж за несакана реакција од БСЖ вакцина — во 2022 година, која се однесувала на појава на апцес на местото на апликација, што како можна реакција е опишана во упатството за употреба.
Инаку, бесплатната вакцинација против сезонски грип за пензионерите, хронично болните и бремените жени се очекува со задоцнување, откако на тендерот за набавка нема поднесено понуди. Министерството посочува дека доцни производството на вакцините во светот поради појавата на нови соеви на грипот, а податоците од системот за јавни набавки покажуваат дека во претходните години набавките обично се завршувале до средината на септември.
Фото: прес-материјал од настанот


