Може ли да се национализираат приватните задолжителни пензиски фондови?
Пензионите друштва велат дека национализацијата дава краткорочна фискална помош, но штети на долгорочната одржливост; предлагаат мултифондови и регулаторни измени.

По изјавата од премиерот Христијан Мицкоски дека „голем дел од корисниците на вториот столб нема да бидат задоволни од тоа што ќе го видат на своите сметки“, повторно се отвори прашањето дали државата може или треба да ги преземе средствата од приватните задолжителни пензиски фондови и да ги префрли во Фондот за ПИОМ.
Друштвата што управуваат со пензиските фондови денеска одржаа прес-конференција и јавно се спротивставија на идејата за национализација. Тие предупредија дека тоа не претставува решение за долгогодишните предизвици и дека фокусот треба да биде на реформи кои системот ќе го развива напред, а не ќе го враќа назад.
Според податоците кои ги презентираа, заклучно со 30 јуни, во задолжителните пензиски фондови членуваат 637.977 осигуреници, а бројот на лица што веќе користат пензија од вториот пензиски столб изнесува 146. Системот функционира од 2006 година и постепено созрева; "Просечниот принос што го остваруваат задолжителните пензиски фондови изнесува повеќе од 5,5% годишно. Во изминатите 20 години, од приносите се реализирала една милијарда евра, додадена вредност што е распределена на индивидуалните сметки на членовите," посочи Весна Стојановска, заменик-претседателка на АДПФ.
Што би донела евентуална национализација?
Снежана Станковиќ, претседателка на Управниот одбор на Сава пензиско друштво, со бројки и анализи ги објасни ограничувањата на таквиот потег. Таа рече: "Анализите што ние ги направивме е доколку се национализираат средствата, тоа нема да обезбеди долгорочна стабилност на пензискиот фонд. Околу 65 отсто од средствата се во обврзници, тоа значи дека се ликвидни 35 проценти и ако се продаваат одеднаш, тоа ќе влијае врз цената, но ако оптимално се постигне нивната вредност, тоа ќе го покрие буџетскиот дефицит за година и пол, за помалку од две години. Ако и обврзниците ги претвориме во средства, тоа буџетскиот дефицит ќе го намали за три години."
Марјан Николовски, претседател на АДФП, истакна дека "искуствата од земјите во кои е воведен одреден тип национализација покажаа дека тоа не е решение за проблемот" и додаде дека демографската структура и економските услови создаваат дополнителен притисок: „Сега соодносот меѓу вработените и пензионерите е 1,6, или 1,7 вработен на пензионер.“ Тој нагласи дека животниот век се продолжува и дека стандардот расте, што бара развојни мерки за системот.
Николовски предложи развојна агенда која вклучува регулаторни промени: воведување мултифондови, прилагодување на лимитите за инвестирање и листата на дозволени инструменти, како и поттикнување на доброволното пензиско осигурување. Според него, таквите чекори можат да донесат повисоки долгорочни приноси без да се загрози сигурноста на најранливите членови.
Татјана Бојковска, секретар во АДПФ, посочи практични примери од странство и потенцираше придобивки од мултифондскиот пристап: "Принципот на работење на мултифондовите е таков што портфолиото за најмладите би било насочено кон поризични инвестиции, но со повисок принос. Искуството од Хрватска покажува дека тоа портфолио за младите остварило принос од 8,49 проценти." На крајот, секторот повтори дека е против национализацијата и повика на конкретни реформи кои ќе ја зајакнат одржливоста на вториот столб.
Фото: прес-материјал од настанот