Почетна
Македонија

Не размислуваме за зголемување на цената на електричната енергија, вели премиерот

Мицкоски вели дека акумулациите се околу 70% и дека има речиси 500 GWh, па власта не планира зголемување на тарифите.

·Македонија
Не размислуваме за зголемување на цената на електричната енергија, вели премиерот

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека не размислува за зголемување на цената на електричната енергија и дека сегашните нивоа на акумулациите му даваат доволна сигурност на снабдувањето за домаќинствата и за индустријата.

Одговорот дојде по новинарско прашање колку вложувањата во обновливи извори ќе ја зголемат отпорноста на енергетскиот систем пред климатските промени, кои според него не се само еколошки прашања, туку и енергетски предизвик.

Мицкоски посочи дека низ Дел од Европа ниските водостојби на реките, како што е Дунав, го притискаат пазарот на енергија, но дека во земјата е создаден механизам за да се избегне истото сценарио.

„Ние како земја успеавме да направиме механизам тоа да не се случи. Јас можам да кажам дека нашите акумулации во овој момент, при крајот на сезоната за наводнување, се околу 70 проценти и имаме речиси петстотини гигават-часови акумулирана електрична енергија. Сосема доволно за да се чувствуваме безбедни, комотни и да немаме предизвик во делот на снабдувањето со електрична енергија на граѓаните и на индустријата. И нема да правиме панични прес-конференции, нема да повикуваме на внимателност при штедењето, бидејќи водевме сметка многу порано за да не се случи тоа. Јас сум среќен и задоволен што ја поминавме сезоната со наводнување онака како што планиравме, а сепак во овој период од месецот, 6 август, имаме над 70 проценти од акумулациите полни и подготвени хидроелектрани да произведуваат електрична енергија. Ние не размислуваме за зголемување на цената на електричната енергија, ние правиме план како да најдеме формула да ја намалиме или барем евтината тарифа да ја зголемиме, за разлика од најголемиот дел од земјите од Европа кои планираат да ја зголемат цената на електричната енергија“,

тој додаде дека според светските енергетски експерти, војната во Иран претставува историски најголема енергетска криза, но дека Владата не постапувала панично.

„Откако почна тој конфликт, сведоци сме дека голем број политичари, вклучително и политичари од регионот држеа панични прес-конференции, се обидуваа да укажат кон предизвикот што се случуваше и последиците од истиот. Ние не очајувавме, напротив, испраќавме пораки на смиреност. Дека имаме доволни резерви, дека нема потреба да го ограничиме и извозот од нашите капацитети, дека тука сме да помогнеме и за граѓаните од соседните земји со тоа што понудивме најниски цени за горивата и на тој начин педесетина проценти во одредени денови се зголеми потрошувачката на горивата поради притисокот кој го правеа граѓаните од соседните земји. Отприлика по половина евро по литар понудивме поевтини горива по литар споредбено со тоа што го имаа одредени соседи. Политиката на оваа влада да работи тивко, но сето тоа да додаде вредност врз квалитетот на живот“,

посочи Мицкоски и додаде дека се спроведуваат капитални проекти во енергетиката, а како пример го наведе и приватниот ветропарк на компанијата Алказар.

Фото: Влада

Поврзани написи