Николоски: Договорена нова авиолинија Подгорица–Скопје и поврзување со пристаништето Бар
Николоски по средбите со црногорски функционери: нова авиолинија и автопатско поврзување кон Бар.

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски е во работна посета на Подгорица, каде оствари средби со премиерот Милојко Спајиќ, вицепремиерот за европски и надворешни работи Филип Ивановиќ, како и со министерот за транспорт Радош Зечевиќ. Разговорите беа посветени на транспортната поврзаност, финансирање на инфраструктура и продлабочување на билатералната соработка.
Договор за директен лет и поврзување со пристаништето Бар
Николоски информира дека со соговорниците е постигнат договор за нова авиолинија меѓу Подгорица и Скопје, како и за поврзување на Македонија со пристаништето Бар преку изградба на автопатот Скопје–Блаце.
„Веќе почнавме да го градиме автопатот Скопје–Блаце, кој што значи отворање на Македонија кон трето пристаниште – тоа е отворање кон пристаништето Бар, покрај пристаништето Солун кон кое што имаме и автопатска и железничка конекција и покрај пристаништето Драч, каде што во моментот градиме и автопатска и железничка конекција. Исто така, со изградбата на автопатот од Скопје до Блаце зборуваме и за поврзување со пристаништето Бар,“ изјавил Николоски.
Во врска со авионското поврзување, Николоски рече: „Очекувам во многу кратко време да се потпише договор којшто ќе значи директен лет помеѓу Скопје и Подгорица, со што ќе имаме уште еден главен град со којшто сме поврзани. Тоа многу ќе помогне за развојот на туризмот, но исто така и за развојот на бизнисот и конекцијата помеѓу двете држави. Аеродромите и во Скопје и во Подгорица растат и ова е добар начин да продолжиме да соработуваме и да продолжат да растат двата аеродроми,“ нагласил Николоски.
На средбите биле разгледани и заеднички настапи пред европските фондови и банки за финансирање, особено во делот на интелигентните транспортни системи и поврзување на коридорите, како и соработката во политичката и економската сфера.
„Сè на сè, една плодна средба од којашто се враќаме дома со нова авиолинија, како и со убава вест дека автопатот којшто го градиме Скопје–Блаце ќе значи поврзување и со пристаништето Бар,“ изјавил Николоски.
Фото: прес-материјал од настанот


