Осмиот смртен случај од западнонилска треска е 70-годишен маж
70-годишен пациент, примен на 25 август, почина по десетдневен престој во интензивна нега, соопшти директорот на Клиниката за инфективни болести-Скопје Фадил Цана.

Осмиот смртен случај поврзан со западнонилска треска е регистриран во Северна Македонија — пациент на 70 години кој бил примен на Клиниката за инфективни болести-Скопје на 25 август во изразито тешка состојба, изјави денеска директорот Фадил Цана на прес-конференција.
Осум хоспитализирани со невроинвазивна форма
Од Клиниката велат дека вкупно осум пациенти со потврдена невроинвазивна форма на западнонилска треска се хоспитализирани. Двајца од нив имаат потешка клиничка слика и се наоѓаат на одделот за интензивна нега, интубирани и на механичка вентилација.
За текот на болеста кај починатиот, Цана рече: "За жал, во текот на викендов е регистриран и еден смртен исход на 70 годишен пациент, осми по ред пациент, кој беше примен на клиниката на 25 август во една изразито тешка општа состојба. Веднаш по приемот беше сместен во одделот за интензивно лекување, интубиран и беше на механичка вентилација. За целиот овој десетдневен престој, пациентот беше во изразито тешка општа состојба и покрај целиот третман, целиот напор на одделот за интензивна нега, во текот на викендот заврши со летален исход"-вели Цана.
Директорот додаде дека, освен еден пациент од Свети Николе, сите останати хоспитализирани се од Скопје и се на возраст над 60 години. Тој исто така посочи дека веќе четири дена нема нов примен пациент со потврдена западнонилска треска на Клиниката за инфективни болести.
Клиниката нагласува дека пациентите кои се лекуваат таму биле заразени во земјата.
Фото: МИА


