"ОТПАДОТ ЌЕ ВЕ ЧЕКА КОГА ЌЕ СЕ ВРАТИТЕ!" — парковските чувари од Шар Планина организираат вонредно чистење
Паркот повика планинари и клубови да носат дополнителна кеса откако отпадот ја загрози околината на глацијалните езера, засолништата и изворите.

Вработените и парковските чувари од Националниот парк „Шар Планина“ извршија низа вонредни акции за чистење во изминатите денови откако состојбата со расфрланиот отпад на најпосетуваните локации во паркот стана алармантна.
Од паркот: собирањето ѓубре не е примарна задача
Во своето соопштение управата на паркот реагира дека собирањето ѓубре не е примарна задача на чуварите — нивните главни обврски се заштитата на природата, мониторингот и спречувањето на незаконски активности. Паркот посочува и зошто намерно не се поставуваат корпи за отпад на планината: остатоците од храна ги привлекуваат дивите животни и го нарушуваат екосистемот.
Несовесни посетители оставаат отпад дури и на тешко пристапни места — покрај бреговите на глацијалните езера, околу планинарските засолништа, како и кај изворите и чешмите за вода. Со оглед на тоа дека станува збор за мала институција со ограничен кадар, од Паркот упатија апел до планинари, клубови и љубители на природата да понесат дополнителна кеса и да помогнат во чистењето.
Во своето обраќање паркот порача: "Правилото во природата е едноставно: сè што сте можеле да го донесете полно на планината, можете да го вратите празно со себе. Спакувајте го својот отпад и однесете го до место каде што постои организиран систем за собирање. Планината нема комунална служба".
Чуварите и вработените велат дека биле принудени да организираат вонредни чистења на најфреквентните патеки и рекреативни точки, собирајќи кеси со ѓубре оставено од несовесни посетители. Акцијата има за цел да ги намали непосредните штети врз животната средина, додека Паркот продолжува со апели до јавноста за промена на навиките и преземање лична одговорност за отпадот.
Во заклучок упатуваат јасна порака до оние што оставаат ѓубре во природата: "А до оние што го оставаат својот отпад во природата имаме едноставна порака: отпадот што денес го оставате зад себе веројатно ќе ве чека на истото место и при вашето следно доаѓање. Планината не се чисти сама. Не оставајте ништо зад себе освен траги од вашите чекори".
Фото: прес-материјал од настанот