Ова се секторите во Германија во кои се бараат квалификувани работници
Анкетата покажува дека во јули 23,2% од германските компании имале проблеми со пронаоѓање квалификуван кадар, најмногу погодени се консалтингот и телекомуникациите.

Германските компании повторно пријавуваат недостиг од квалификуван кадар во низа сектори: во јули 23,2% од фирмите навеле потешкотии при пронаоѓање квалификувани работници, што е зголемување во споредба со 21,1% во април.
Сепак, сегашната стапка е под долгорочниот просек од 31,7%, што експертите го поврзуваат со послаба економска активност која моментално ја намалува потребата на компаниите за нови вработувања.
Каде е најтешко?
Проблемот не е рамномерно распоредена по сите гранки. Во телекомуникацискиот сектор се забележува најголемо растење — уделот на компании што пријавиле недостиг пораснал од 16,3% во април на 31,1% во јули.
Најсериозна е ситуацијата во консалтингот и ревизијата: во јули дури 64,7% од компаниите во овој сектор пријавиле недостиг на квалификуван кадар, додека во април тој процент изнесувал 52,4%.
И во индустријата е регистриран пораст: во производствениот сектор 18,7% од компаниите пријавиле проблеми со пронаоѓањето квалификувани работници, што претставува зголемување од 4,5 процентни поени во однос на април.
„Слабата економија моментално ја ограничува побарувачката за квалификувани работници“, изјави Дарија Шалер од германскиот Институт Ифо. Таа предупредува дека, доколку економијата почне поцврсто да закрепнува, побарувачката за работна сила може брзо да порасне и недостигот да стане поизразен.
Германија веќе подолг период работи на мерки за намалување на дефицитот во одредени професии, а компаниите сè почесто се потпираат и на привлекување работници од странство за да ги пополнат отворените работни места.
Фото: Фрипик