„Па има ли крај ова лудило?“: Филипче обвини дека институциите молчеле додека се труеле над 3.000 луѓе во Гостивар
Обвинителството отворило истрага дури по јавниот притисок, а власта во еден момент ја прогласила водата за питка, тврди лидерот на СДСМ кој бара оставки и кривична одговорност

Загадувањето на водата во Гостивар започнало кон крајот на јуни, но институциите молчеле и не реагирале — а во еден момент водата дури била прогласена за питка. Ова се клучните обвинувања што лидерот на СДСМ Венко Филипче ги изнесе на прес-конференција посветена на здравствената криза која, според него, заврши со труење на повеќе од 3.000 граѓани.
„И ја прогласиле водата за питка. Па има ли крај ова лудило? Кои се овие луѓе што ја водат државата? Знаат ли што прават?“, праша Филипче, видно револтиран од однесувањето на надлежните органи.
Тој посочи дека Јавното обвинителство отворило истрага дури откако се кренала јавноста, а не врз основа на извештаи од Министерството за здравство или Агенцијата за храна и ветеринарство — институциите кои први требало да алармираат.
„Квалитетот на водата не е тајна на истрагата“
Филипче остро го критикуваше и повикувањето на „тајност на истрагата“ како изговор за криење на информации од витално значење за здравјето на граѓаните.
„Ова е опасна замена на тези. Затоа што квалитетот на водата не е тајна во рамки на истрагата, туку е факт од јавно здравствено значење. Овој факт граѓаните мора едноставно да го знаат“, рече тој.
Според лидерот на опозицијата, токму ваквиот пристап довел до ширење на епидемијата: „Како резултат на овој пристап, се отруја над 3.000 луѓе во Гостивар. Значи, додека обвинителството тактизирало, а сите здравствени институции и авторитети молчеле, епидемијата се ширела во Гостивар.“
Барање за оставки и кривична одговорност
Филипче побара политичка одговорност од министерот за здравство, директорите на јавноздравствените институции, Агенцијата за храна и ветеринарство, но и од Обвинителството.
„Бараме политичка одговорност и оставки од овие луѓе, затоа што си поиграа и си поигруваат со здравјето на граѓаните“, порача тој, барајќи и итни вонредни инспекции и хемиско-микробиолошки анализи на сите водоснабдителни станици во државата, чии резултати веднаш да бидат објавени јавно.