Партизанските гробишта во Битола останаа запуштени и за Денот на ослободувањето
Патеките беа заметени пред гробиштата, но плочите останаа потемнети, приодот е оштетен, а надлежностите се префрлаат меѓу институциите.

Партизанските гробишта во Битола останаа претежно запуштени и на 4 Ноември, Денот на ослободувањето на градот. Иако комуналните екипи ги заметаа патеките пред гробиштата, лисјата останаа по гробовите, многу надгробни плочи се потемнети и оштетени, а приодот е руиниран — со раскопан бетон и дупки.
И покрај најавите дека претпријатија ќе го уредат просторот, единствената видлива интервенција на празникот беше метењето на патеките. Руинираниот пристап не беше поправен, некои надгробни плочи останаа полураспаднати, а повеќето гробови не беа исчистени.
На партизанските гробишта има гробови или надгробни плочи на десетици партизани кои ги дале животите за слободата на Македонија, меѓу нив народните херои Елпида Караманди, Таки Даскало, Тодор Ангелевски, Стив Наумов, Естреја Овадија Мара, Коле Канонски, Трифун Пановски и други. Надгробната плоча на народниот херој Тодор Ангелевски е меѓу потемнетите. Од десетиците надгробни плочи, само седум-осум се исчистени од Завод и музеј Битола.
Кој е надлежен?
Институциите си ја префрлуваа одговорноста и парцелите практично останаа ничии. На 13 октомври Од општинските служби беше информирано дека за одржување е надлежен ЈП „Комуналец“, но на 30 октомври Општина Битола повторно одговори дека гробиштата сепак не се во надлежност на претпријатието.
„Ве информираме дека надлежност на ЈП ‘Комуналец’ е чистење и уредување на Буковските гробишта, а дел од Партизанските гробишта во пресрет на празникот, иако не се во надлежност на ‘Комуналец’, негови екипи ќе ги уредат на трошок на претпријатието. Завод и музеј Битола има надлежност во делот на спомен-обележјата на гробиштата, а од нивна страна во тек е изработка на проект за реставрација на ‘Партизанските гробишта’“, ни одговорија од Општина Битола.
Директорот на ЈП „Комуналец“, Горан Степановски, во телефонски разговор рече дека само приодот кон гробиштата е во надлежност на претпријатието и дека ќе го поправат до крајот на годината. Според него, гробиштата треба да ги уредува Сојузот на борци. Претседателот на Сојузот на борци, Стефан Бошков, вели дека уште пред триесет години им биле одземени ингеренциите кога организацијата била прогласена за невладина, и дека досега до Општината поднеле десетина писмени и усни барања за санација на гробиштата и пристапната патека.
На 4 Ноември, претставници на Општината, политичките партии и Сојузот на борци положија цвеќе во чест на хероите. Репортажа објавена уште на 20 октомври предупреди за запуштената состојба; две недели подоцна, за Денот на ослободувањето, состојбата останува речиси непроменета.
Фото: СДК.МК)


