Превозници ќе протестираат пред Делегацијата на ЕУ во Скопје на 31 август
Протестот е закажан за 31 август, од 12 до 14 часот, со најавени најмалку 20 товарни возила пред Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Македонските превозници ќе одржат протест на 31 август пред Делегацијата на Европската Унија во Скопје поради ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната според правилото 90/180.
Организаторот, компанијата „Макам-транс“, соопшти дека протестот ќе се организира во периодот од 12 до 14 часот. Се очекува да учествуваат превозници, возачи и претставници на транспортни компании, а најавено е дека пред седиштето на Делегацијата треба да пристигнат најмалку 20 товарни возила.
Акции во регионот пред состанокот во Брисел
Истовремени протести се најавени и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, непосредно пред состанокот на работната група во Брисел закажан за 1 септември, на кој ќе се разговара за проблемот со примената на правилото 90/180.
„Макам-транс“ предупредува дека ако на состанокот не се постигне преодно решение, ќе следува нов, поширок протест на граничните премини кој би започнал на 14 септември. За такво зголемување на акцијата е потребна согласност од превозниците во секоја од земјите и одобрение од надлежните институции.
Проблемот, велат превозниците, произлегува од примената на правилото 90/180, кое им овозможува на државјани на земји надвор од ЕУ да престојуваат најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена во Шенген-зоната. Со воведувањето на електронското евидентирање на влезовите и излезите, професионалните возачи почнаа поостро да се соочуваат со тоа ограничување. Превозниците укажуваат дека возачите не престојуваат во ЕУ како туристи, туку поради природата на својата работа, па бараат нивниот професионален статус да биде соодветно земен предвид при примената на правилата, особено кога станува збор за луѓе чиј „престој“ во Шенген е всушност нивно работно место.
Фото: прес-материјал од настанот