Почетна
Македонија

Рочиштето против 13 полициски службеници поврзани со „Пулс" е одложено

Судот вели дека поканите не се уредно доставени; ако сведоците не се појават ќе се применат парични казни и присилно доведување

·Македонија
Рочиштето против 13 полициски службеници поврзани со „Пулс" е одложено

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска беше одложено рочиштето во процесот против 13 полициски службеници обвинети во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, поради отсуство на сведоци.

Судот најави полициска достава на поканите, пријавени парични казни и присилно доведување

Судијата информираше дека дел од поканите за сведоците се вратиле како неуредно доставени или со ознака „не барал“, а за други нема доказ дека биле примени. Обвинителката Спасенка Андонова посочи дека еден сведок телефонски потврдил дека ја примил поканата, но изјавил дека ќе дојде само доколку обезбеди превоз до Скопје.

Претседавачката судијка Фанка Јанчулева Михаиловска најави дека за следното рочиште поканите ќе бидат доставени преку полициска станица и предупреди дека доколку сведоците повторно не се појават, ќе бидат применети законски механизми – парична казна и присилно доведување. Следното рочиште е закажано за 21 септември.

По рочиштето, Драги Стојанов, татко на Панче Стојанов, изрази незадоволство од повторното одложување и побара од судот да ги употреби сите механизми за да се обезбедат сведоците.

"Ние препорачуваме судот, и покрај тоа што сведоците не се доведени, уредно да ги покани, да ги повика и да стапи во контакт со нив за да се утврди причината. Ние губиме време, нерви и имаме голем стрес кога доаѓаме тука. Го повикувам судот уредно да ги покани и да ги искористи сите механизми што треба – ако е потребно и со полициска придружба да ги доведе. Можеби некој од сведоците е под закана или не му е дозволено да дојде. Нека се изјаснат. Им препорачуваме на сведоците да дојдат и да ја кажат вистината, да не се плашат и да не подлегнуваат на закани и притисоци" – рече тој.

Стојанов додаде дека семејствата се соочуваат со притисоци од дел од адвокатите поради она што го кажуваат за нив.

"Адвокатите ни се закануваат дека ќе ни поднесат кривични пријави за тоа што зборуваме за нив. Ќе им препорачаме пред да поднесат кривична пријава да стават прст на глава и да си размислат, да си ги смениме страните на 10 минути и да размислат како ќе беше ако неговото дете беше тоа. Ако мисли дека со кривични пријави ќе земе пари од мене, до тие ли пари им дојдо" – рече тој.

Судењето е поврзано со трагичниот пожар што избувна на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани, при што загинаа 63 лица, а беа повредени над 200 лица. Според обвинението, полициските службеници кои биле дежурни биле ангажирани и во дискотеката и не ја прекинале забавата ниту спречиле користење пиротехника.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи