Почетна
Македонија

Секој четврти ученик е жртва на сајбернасилство

Истражување на Правниот факултет при УКЛО во Битола каже дека од 1.623 испитани ученици многумина доживеале емоционални, училишни и здравствени последици.

·Македонија
Секој четврти ученик е жртва на сајбернасилство

Речиси секој четврти ученик во земјата барем еднаш бил жртва на сајбернасилство, покажува истражување на Правниот факултет при УКЛО во Битола. Истражувањето е спроведено во 32 училишта — 16 основни и 16 средни — и вклучува 1.623 анкетирани ученици.

Од испитаните, 136 ученици пријавиле дека имале суицидални мисли поврзани со онлајн-насилството, 250 велат дека почувствувале емоционален стрес, кај 140 насилството се одразило врз училишниот успех, а 130 пријавиле здравствени последици. Учениците најчесто им се доверуваат на родителите, а дури потоа пријавуваат во училиштето или кај надлежните служби.

Природа на нападите и свеста меѓу учениците

"Доминира вербалното насилство , односно насилство кое се заснова на навредливи или понижувачки пораки и коментари од соучениците. Иако во помал процент, сепак загрижува и податокот дека се случуваат случаи на сајбернасилство, преку употреба на вештачка интелигенција или споделување фотографии и видеа, од кои некои и со интимна содржина," вели проф. д-р Ангелина Станојевска од Правниот факултет при УКЛО во Битола.

Истражувањето укажува дека голем дел од учениците не го препознаваат ова однесување како насилство и го доживуваат како вообичаена комуникација и забава. "За жал, околу 34 проценти од учениците одговорија дека биле сведоци на сајбернасилство во нивната училишна средина. Индикативен е и податокот дека околу 49 проценти не знаат дали во нивното училиште се случило ваков вид насилство. Ова покажува дека, иако декларативно велат дека знаат што е сајбернасилство, сепак негативните однесувања што спаѓаат во оваа категорија ги поистоветуваат со нешто што го доживуваат како забава и разонода ," вели Ивона Шушак Лозановска од Правниот факултет при УКЛО во Битола.

Во анкетата се покажува и дека родителската контрола врз онлајн-активностите често изостанува или е само повремена. Девојчињата почесто се жртви. Како мерки за справување учениците посочуваат санкционирање на насилниците и едукација за безбедност на интернет и начини за справување со овие појави.

Резултатите ја истакнуваат потребата за појак пристап во превенцијата, подигнување на свеста и вклучување на семејствата и училиштата во превентивните програми.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи