Шеста година нема спермограм во Клиничката болница во Битола, започната постапка за биолог
Пациенти плаќаат или патуваат за анализа; болницата вели дека постапката за ангажирање биолог е започната и дека АМХ ќе се воведе од 2027 година.

Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола веќе шеста година не ја нуди услугата спермограм — лабораториска анализа на семената течност која служи за проценка на машката плодност. Мажите кои имаат потреба од испитување се принудени да патуваат или да плаќаат приватни лаборатории.
Пациенти: патувања и трошоци го отежнуваат лекувањето
Пациентите од Битола кои ни се обратија велат дека често мора да одат во јавни здравствени установи во Охрид или Прилеп или да бараат приватни лаборатории за да добијат спермограм. Тие велат дека потребата за повторување на испитувањата во текот на дијагностиката и третманот предизвикува дополнителни финансиски трошоци и стрес.
„Според информациите со кои располагаме, цената на еден спермограм во приватна лабораторија може да достигне околу 150 евра, што претставува значителен финансиски товар за мажите кои се соочуваат со проблеми со плодноста. Особено тежок е проблемот за двојките кои се подготвуваат за ин витро оплодување (ИВФ). Во текот на дијагностиката и самата постапка, често е потребно спермограмот да се повторува повеќе пати, со цел да се следи состојбата и да се планира понатамошното лекување. Тоа подразбира дополнителни финансиски трошоци, патувања, отсуство од работа и непотребен стрес во период кој и онака е емотивно и финансиски исцрпувачки“, велат пациентите.
Тие бараат и проширување на дијагностичките капацитети во рамките на јавниот здравствен систем, вклучувајќи испитувања поврзани со репродуктивното здравје: АМХ (антимилеров хормон) за проценка на оваријалната резерва, репродуктивните хормони ФСХ, ЛХ, естрадиол и пролактин, како и други специјализирани лабораториски анализи потребни за дијагностика и третман на инфертилитет.
Директорката на Клиничката болница во Битола, д-р Ненси Лозанче, потврди дека анализите на спермограм не се изведуваат веќе шест години. Бидејќи услугата престанала пред таа да стане директорка, не може да каже која била причината за прекинот.
„Во моментов не се изведува поради недостиг на соодветен кадар. Клиничката болница Битола прави напори да обезбеди соодветен кадар, односно биолог, а постапката за тоа е веќе започната. Што се однесува до останатите хормонални испитувања, тие и сега се вршат во болницата, сите освен АМХ, а планираме од 2027 година да го вклучиме и тоа испитување“, вели д-р Лозанче.
Пациентите и граѓаните во Битола велат дека репродуктивното здравје не смее да биде привилегија или дополнителен финансиски товар и оти навремената дијагностика и лекување на неплодноста треба да бидат достапни во јавниот здравствен систем.
Фото: СДК.МК)


