Штип бара поддршка за продолжување на истражувањата на Грнчарица, каде беше пронајден скелетот на Славе Македонски, стар 9.000 години
Тимот ќе побара поддршка од Министерството за култура и туризам за да продолжат истражувањата на местото каде беше откриен скелет стар околу 9.000 години.

Штипските археолози ќе поднесат барање до Министерството за култура и туризам и до други надлежни институции за нова поддршка со цел продолжување на археолошките истражувања на локалитетот Грнчарица, во близина на железничката станица „Ванчо Прќе“ кај селото Крупиште. Според тимот, местото каде што се работеше во 2008 година сè уште може да крие значајни остатоци од повеќе временски слоеви.
Пронајдоците од 2008 и каде се чуваат
На 21 март 2008 година на локалитетот беа откриени коскени остатоци од човечки скелет и земена печка за топење метал. Во истражувањето, покрај археолозите од Штип, учествуваа и археолози од Велес. Од музејски извори информираат дека печката била префрлена во музејот во Скопје за дополнителни испитувања, додека коскените остатоци се поставени во посебна витрина во Музејот во Штип и се достапни за посетителите.
Примероци од наодот биле испратени на лабораториски испитувања во Глазгов, Шкотска. Резултатите, а потоа и писмени потврди од археолошки институти во Италија во 2012 година, покажаа дека остатоците потекнуваат од неолитот. Според приложениот сертификат, скелетот е датиран на 6740 година п.н.е., или приближно 9.000 години, и во локалната јавност стана познат како скелетот на Славе Македонски.
„Истовремено побаравме мислење и од археолошките институти во Италија, кои со писмен допис во 2012 година ги потврдија наодите на археолозите од Шкотска. Со нив е поврзана една интересна случајност. Неколку археолози и експерти од Глазгов, на пропатување, престојуваа во Македонија. При една случајна средба со нив, ги поканив да бидат гости на Штип. Во разговорот дојдовме и до темата за пронајдениот скелет. Тие ни предложија, без никаков надомест, да извршат испитување на остатоците во нивните лаборатории. По извесно време добивме известување дека по извршените ДНК и други анализи се утврдило оти остатоците датираат од пред речиси 7000 години п.н.е., односно дека денес се стари околу 9.000 години“, вели Зоран Читкушев.
Археолозите сега подготвуваат конкретен проект и буџет со кој ќе аплицираат за средства за продолжување на теренските истражувања. Тие посочуваат дека наодите — земената печка и неолитскиот скелет — укажуваат на висок потенцијал за пронаоѓање на дополнителни сознанија за населувањето и технологиите во овој дел од регионот.
Фото: СДК.МК)


