Швајцарија ќе ја преиспитува неутралноста на референдум
На референдум на 27 септември ќе се одлучува дали неутралноста ќе се внесе во Устав со построго, „вооружено“ толкување.

Во мал аголен локал во Женева, четворица мажи по завршување на работниот ден пијат пиво и се вклучуваат во расправа која одекнува низ јавноста. Еден од нив, Бени, остро го сумира ставот што сè почесто се слуша во дебатите.
“Многу е важно да ја имаме оваа неутралност. Не како сега, кога Швајцарија зазеде страна поради Русија” – вели тој, покажувајќи како руската инвазија врз Украина го раздвижи прашањето за швајцарската неутралност.
Што предлага иницијативата
На 27 септември граѓаните ќе гласаат на референдум за народна иницијатива со која се предлага во Уставот да се дефинира попрецизно и построго принципот на неутралност. Иницијаторите, кои собрале повеќе од 100.000 потписи, бараат неутралноста да биде прогласена за трајна и вооружена и дека Швајцарија не смее да членува во воени сојузи, да учествува во конфликти меѓу други држави или да воведува санкции против завојувани земји, освен ако тие не се одобрени од Обединетите нации. Во тој случај, Уставот би морал да се измени.
Иницијативата ја поддржува десничарската Швајцарска народна партија (СВП) и некои конзервативни фигури. Меѓу нив е и 85-годишниот Кристоф Блохер, поранешен сојузен советник кој и понатаму има значително влијание во партијата и повторно се појавува како гласен поборник.
“Експертите ја нарекуваат интегрална. Тоа значи апсолутна. Тоа значи дека сме неутрални и во однос на невоените принудни мерки” – вели Блохер. Тој додава: “Оној што го прави тоа веќе станал страна во војната.” Предложениот нацрт на иницијативата, под името "Зачувување на швајцарската неутралност", би ја забранил и економската и дипломатската употреба на санкции освен ако не постои одобрение на ОН.
Швајцарската влада ја отфрли ваквата строга дефиниција и почна кампања против иницијативата, аргументирајќи дека сегашната политика веќе ја гарантира неутралноста, додека предложените измени би ѝ го ограничиле просторот за дејствување и би ја отежнале безбедносната соработка со странски партнери. Спорот се заостри откако Берн се придружи на западните санкции против Русија и ја продлабочи соработката со НАТО во области како воената обука.
Швајцарскиот министер за надворешни работи Игнацио Касис од Либералната слободна партија предупреди за можните надворешнополитички последици доколку „интегралната неутралност“ на Блохер се вгради во закон. “Повеќе не би можеле да се воведуваат санкции против држави што водат војна. Денешните санкции против Русија, на пример, не би биле можни бидејќи не се донесени од Обединетите нации. Тоа би можело да предизвика сериозни надворешнополитички последици” – рече Касис. Тој ги бранеше сегашните практики со зборовите: “Флексибилното обликување на неутралноста ѝ овозможи на Швајцарија да помине неповредена низ геополитичките пресврти и војни. Така треба да остане и во иднина.”
Анкетата објавена во јуни од Тамедија покажа дека 34 отсто од испитаниците ја поддржуваат иницијативата, додека 54 отсто се против. Исходот од гласањето на 27 септември ќе одреди дали Швајцарија ќе запише во Устав построга, апсолутна форма на неутралност или ќе ја задржи флексибилната пракса која ја водела нејзината надворешна политика.
Фото: Pexels-700x467.webp')