„Скопје 2028“ ги бара душата и приказните на градот: Граѓаните ќе предлагаат места што го чуваат духот на Скопје
Двајца јавни повици ќе создадат дигитална мапа на потенцијални културни места и ќе соберат најмалку 200 приказни за архивирање и уметничка обработка.

Фондацијата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ на 10 септември 2026 година објави два јавни повика кои ги повикуваат граѓаните да предложат локации и да споделат приказни што ја сочинуваат меморијата и културниот потенцијал на Скопје.
Повикот „Мапирање на локации, објекти и простори за програмата „Скопје 2028““ е отворен за сите кои препознаваат место со потенцијал за културна или уметничка употреба — од недоволно искористени згради и напуштени фабрики до паркови, плоштади, улици, кеј, дворови и други простори со историско, архитектонско, општествено или културно значење.
Регистар и дигитална мапа како ресурс
Предложените локации ќе се разгледуваат и систематизираат во регистар и дигитална мапа која треба да послужи како ресурс за уметници, културни организации и институции, идни предлагачи на проекти, локални заедници, истражувачи и граѓани.
Со повикот „Скопски приказни“ Фондацијата има за цел да ја собере и зачува живата меморија на градот. Граѓаните се повикуваат да подготват лични или колективни приказни за луѓе, места, улици, маала, настани, традиции и секојдневниот живот, вклучително и за оние нешта што денес можеби повеќе не постојат, но останале дел од сеќавањето на Скопје. Приказните може да се достават како текст, фотографија, аудио, видео, интервју или друг материјал.
Фондацијата планира да избере најмалку 200 „Скопски приказни“ кои ќе бидат архивирани и ќе послужат како основа за идни уметнички и културни проекти. Селектираните приказни ќе бидат откупени, а потоа преку нов јавен повик ќе им бидат понудени на уметничката и креативната јавност за уметничка интерпретација и претставување во рамките на Програмата Скопје 2028.
“Скопје не се само институциите, театрите, музеите и галериите. Скопје се и маалата, парковите, плоштадите, старите фабрики, улиците, дворовите и сите оние места каде луѓето се среќаваат, создаваат и го доживуваат својот град. Но, Скопје не е само она што го гледаме. Скопје е и она што го паметиме, го раскажуваме и го пренесуваме. Токму затоа, Фондацијата ги отвора јавните повици „Мапирање на локации, објекти и простори за програмата „Скопје 2028““ и „Скопски приказни“, вели директорот на Фондацијата Марјан Цветковски.
Повиците се отворени од 10 септември 2026 година. Рокот за доставување предлози за „Мапирање на локации, објекти и простори“ е 10 октомври 2026 година, а за „Скопски приказни“ – 25 октомври 2026 година. Пријавите се доставуваат преку официјалната електронска платформа на Фондацијата.
Фото: прес-материјал од настанот


