Почетна
Политика

„Со Фондот за здравствено осигурување раководи тренер“: Филипче тврди дека здравството се распаѓа под Мицкоски

Лидерот на СДСМ на прес-конференција обвини дека универзитетските клиники ги водат доктори без наставни и научни звања, лековите доцнат, а пациентите со месеци чекаат операции

·Политика
„Со Фондот за здравствено осигурување раководи тренер“: Филипче тврди дека здравството се распаѓа под Мицкоски

Здравствениот систем во државата е во колапс, а настаните во Гостивар не се изолиран инцидент, туку симптом на системско распаѓање. Со оваа оцена лидерот на СДСМ Венко Филипче ја отвори прес-конференцијата на која изнесе серија тешки обвинувања за состојбата во здравството под водство на премиерот Христијан Мицкоски.

„Здравствениот систем во државата очигледно дека е во колапс. Ова што се случи во Гостивар не е само еден изолиран случај, станува збор за системски знаци на неефикасност и нефункционирање. Едноставно, здравствениот систем се распаѓа во државата под водство на Христијан Мицкоски и неговата екипа“, изјави Филипче.

Според него, низ клиниките недостигаат лекови, поради што терапиите на пациентите доцнат, а на хируршки интервенции се чека со месеци — резултат на недостиг на кадар и нефункционални операциони сали. Лидерот на опозицијата посочи дека десетици универзитетски клиники, институции кои треба да едуцираат идни специјалисти, денес ги водат доктори кои ги немаат потребните наставни и научни звања.

„Основно образование — тренер“

Најостриот дел од критиката Филипче го насочи кон кадровската политика на владата, издвојувајќи го именувањето на директорот на Фондот за здравствено осигурување.

„Со Фондот за здравствено осигурување раководи човек чие што основно образование е тренер. И тука не е прашањето на формалната диплома, туку е прашање каков е капацитетот да се управува еден од најсложените и најчувствителни системи во државата“, рече тој, потсетувајќи дека станува збор за систем со милијардски буџет кој бара познавања од јавно здравство и здравствена економија.

„Се сликаат за ПР ефект, а платите не мрднале“

Филипче обвини дека наместо инвестиции во квалитетот на здравствената услуга, власта се фокусира на фотографии и промоции.

„Наместо оваа власт да инвестира во работи коишто ќе го подобрат квалитетот на здравствената услуга, сè што прават е — се сликаат, со цел да постигнат само некаков ПР ефект. Притоа, платите во здравството не се мрднати“, рече лидерот на СДСМ, нагласувајќи дека за време на мандатот на неговата партија основната плата на лекарите била зголемена за 40 отсто, а вкупните примања на специјалистите пораснале до 200 отсто.

Од партијата на власт засега нема одговор на обвинувањата изнесени на прес-конференцијата.

Поврзани написи