Почетна
Македонија

Српскиот премиер Ѓуро Мацут во посета на Охрид, се сретна со Христијан Мицкоски

На средбата се потврди определбата за продлабочување на политичкиот дијалог, економската соработка и инфраструктурното поврзување меѓу двете држави.

·Македонија
Српскиот премиер Ѓуро Мацут во посета на Охрид, се сретна со Христијан Мицкоски

Премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, попладнево пристигна во Охрид како дел од официјалната посета на земјава. На охридскиот аеродром го пречека министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

По пречекот на аеродромот, Мацут оствари средба со својот домаќин, премиерот Христијан Мицкоски. На средбата биле отворени теми за продлабочување на билатералната соработка, економските односи и инфраструктурното поврзување меѓу двете држави.

Фокус на практична соработка

Двајцата премиери ја потврдиле определбата за унапредување на пријателските односи и за разгледување заеднички иницијативи кои би придонеле за поголем развој и просперитет. Во расправата биле засегнати и актуелните регионални предизвици и можностите за поголема координација.

Во објавата на социјалните мрежи, Муцунски напиша: "Во фокусот на разговорите ќе бидат натамошното унапредување на политичкиот дијалог и продлабочувањето на економската соработка меѓу двете земји. Охрид, како град со исклучително историско, духовно и културно значење, претставува мост меѓу двете земји и соодветно место за средба посветена на пријателството, добрососедството, регионалната стабилност и соработката".

Премиерот Мицкоски по средбата порача: "Ја потврдивме заедничката определба за натамошно унапредување на пријателските односи, засновани на меѓусебна почит, добрососедска соработка и заеднички интерес за стабилен и просперитетен регион".

Мацут, исто така во објава на социјалните мрежи, напиша: "Со нетрпение очекуваме дискусии за конкретни проекти што дополнително ќе ја зајакнат соработката во областите на инфраструктурата, енергетиката, економијата и регионалната поврзаност".

Фото: Фејсбук

Поврзани написи