ССМ: Плаќање по работен час — обид за намалување на платите, велат синдикатите
Синдикатите велат дека плаќањето по час е ризик за работничките права и бараат институционална контрола.

Сојузот на синдикати на Македонија реагира дека предлогот на Стопанската комора работниците да се плаќаат по работен час може да биде „на мала врата“ намалување на платите и послабеење на работничките права.
Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Горан Ѓорѓиевски, изјави дека коморите се против намалување на бројот на државни празници, но предлагаат воведување плаќање по час како мерка за зголемување на продуктивноста. Тој оцени дека таквиот модел ги фаворизира поработливите, а вработениот, според него, може еден ден да работи три часа, друг ден пет часа.
Заменик‑министерот за економија, Марјан Ристески, изјави дека не е пристигнал официјален предлог, но дека идејата за плаќање по час е една од опциите кои треба да се разгледаат на Економско‑социјалниот совет, каде што учествуваат и синдикатите.
Синдикатите бараат контрола и го поставуваат прашањето на платите
Синдикалците оценија дека ова е уште еден од низата предлози со кои се задира во работничките права. Тие потсетуваат дека работодавачите и сега треба да платат секој час прекувремена работа со 35 отсто повеќе, но дека тоа често се злоупотребува и часовите не се евидентираат.
Синдикатите побараа поголема институционална контрола за да се заштитат работниците и секој одработен час да им биде исплатен.
„Да не ни зборуваме за тоа колку е мизерна саатницата во Македонија за работниците на минималец кој изнесува 155 денари во нето, па затоа измислуваат теми за дефокус од најважната тема, а на газдите им се овозможува да ги држат работниците со најниска минимална плата и најниски плати воопшто. Па од тука легитимно е да се постави прашањето: „Дали бараат работникот да биде платен за секој одработен час или бараат начин да му исплатат помалку?“, прашува Сојузот на синдикати на Македонија“, велат од Сојуз на синдикати на Македонија
Стопанската комора претходно предложи и намалување на бројот на државни празници, што предизвика остри реакции од синдикатите и јавноста. Премиерот Христијан Мицкоски реагираше дека веќе стекнатите права треба да се почитуваат. Ако формално пристигне предлогот за плаќање по час, тој ќе биде разгледуван на Економско‑социјалниот совет.
Фото: прес-материјал од настанот


