Студентите бараат 200 денари, Јаневска предлага ваучерски систем
Министерството за образование предлага ваучери за купување храна; студентите очекуваат конкретно покачување од 140 на 200 денари.

29 октомври 2026 — Прашањето за зголемување на субвенционираниот студентски оброк останува отворено и по средбата на студентските претставници со Министерството за образование и наука. Студентите бараат дневниот износ да се зголеми од сегашните 140 на 200 денари.
Министерството предлага воведување ваучерски систем по примерот на Република Словенија, кој ќе ги ограничи средствата исклучиво за купување храна кај оператори кои ќе бидат вклучени во системот. Министерката Весна Јаневска рече дека целта е парите да се користат само за храна и дека очекуваат одговор од студентските тела пред да се донесат конечни одлуки.
Студентите бараат и конкретно покачување
„Им понудивме ново системско решение, соодветно на тоа што се вика студентски субвенциониран оброк, според нивните барања од минатото, слично на она што го има Република Словенија. Секако ќе најдеме решение, во овој момент дискутираме сè уште, очекуваме нивни одговори, но верувам дека на крај сите ќе бидеме задоволни од исходот“, изјави Јаневска.
Министерката посочи дека со предложениот модел ќе се ограничи можноста за купување производи како алкохол и цигари, а студентите ќе можат да ги користат ваучерите само кај оператори вклучени во системот. Јаневска најави и дека ќе има зголемување на субвенцијата, но додаде дека конкретниот износ ќе се договори дополнително.
Ангела Василевска, претседателка на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, рече дека студентските претставници го прифаќаат разгледувањето на новиот начин на субвенционирање, но очекуваат конкретен одговор за зголемувањето на средствата. Таа нагласи дека иницијативата за покачување е поднесена повеќе од месец и половина пред средбата и дека студентите дадоа рок до 1 октомври.
„Ние дадовме време уште на почетокот кога ја поднесовме иницијативата, а тоа беше до 1 октомври. Со оглед на тоа дека иницијативата е поднесена повеќе од месец и половина, ние, односно студентите, се извисени повеќе од месец и половина и сè уште очекуваат одговор“, изјави Василевска.
Василевска најави дека Националното студентско тело планира до следната недела да организира дигитален студентски референдум за да се изјаснат студентите за предложените промени. Таа додаде дека доколку државата не одговори и студентскиот стандард остане маргинален, ќе се преземат понатамошни чекори.
Разговорите меѓу Министерството и студентските претставници продолжуваат; конечниот модел на субвенционирање и висината на студентскиот оброк допрва треба да се утврдат.
Фото: прес-материјал од настанот


