Студентите најавија референдум за ваучерскиот систем и бараат повисок оброк
УСС при УКИМ ја отвора платформата „Студентски референдум“ — студентите ќе гласаат индивидуално, но инсистираат на повисока сума за оброк.

Студентските организации најавуваат дека ќе ја отворат платформата „Студентски референдум“ на која студентите индивидуално ќе можат да се изјаснат за предлогот за ваучерски систем за субвенциониран студентски оброк, но инсистираат државата да го зголеми износот на субвенцијата.
Ангела Василевска, претседателка на Универзитетското студентско собрание при УКИМ (УСС при УКИМ), изјави дека студентите генерално се отворени за нов модел, но остануваат на барањето за повисок износ. Таа рече дека ова прашање не било дискутирано на вчерашната средба со премиерот Христијан Мицкоски и со министерката за образование Весна Јаневска.
„Го поздравуваме тоа што ќе има нов систем и што и маркетите ќе останат во новиот систем, но ние сè уште не знаеме кога ќе добиеме покачување и немаме одговор колку тоа ќе изнесува“, рече Василевска.
Платформа и рокови
Василевска објасни дека преку платформата „Студентски референдум“ студентите ќе можат индивидуално да го изразат својот став за ваучерскиот модел. Таа додаде дека, без разлика на исходот од референдумот, ќе остане барањето за покачување на износот за оброк.
„Не е спорно дали ќе имаме нов систем, спорно е кога државата ќе го зголеми износот на субвенционираниот студентски оброк. Иницијативата за ова е поднесена пред повеќе од месец и половина и студентите сè уште очекуваат одговор. Ќе почекаме до следната недела, ќе го направиме и студентскиот референдум и се надевам дека државата ќе биде свесна дека на студентите им е потребен оброкот сега“, рече претседателката на УСС при УКИМ.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека верува дека ќе се најде решение за барањето за зголемување на износот и дека предлогот за ваучерски систем им бил генерално прифатлив на студентите. „Целта на овој систем е да ја користат субвенцијата за здрава храна, тоа што и е намената со законот, односно да не може да користат за алкохол, цигари и друго нешто што тие вообичаено го прават. Ќе може да го користат секаде каде што ќе се утврдат одредени оператори кои ќе им продаваат исклучиво храна“, рече Јаневска.
На почетокот на академската година студентските организации до Министерството за образование и наука поднесоа иницијатива дневниот износ на субвенционираниот студентски оброк од сегашните 140 денари да се зголеми на 200 денари.
Фото: прес-материјал од настанот


