Судењето „Лотарија“: предложениот сведок не се појави, ќе биде испитан следната недела
Обвинителите најавуваат испитување на сведокот следната недела и истражување на промена на исказот; обвинението според нив е базирано на документи.

На денешното рочиште за предметот „Лотарија“ не се појави сведокот предложен од Обвинителството; обвинителите најавија дека тој ќе биде испитан следната недела.
За време на вкрстено испрашување на друг сведок, обвинителите објавија дека постои кривична пријава поднесена во Министерството за внатрешни работи и дека се води предистражна постапка која опфаќа три одделни постапки. Исто така се испитуваат причините поради кои предложениот сведок го промени исказот што го дал пред Обвинителството.
Александар Давчевски – обвинител: "Дел од таа постапка се уште не е затворена, бидејќи е комплексна кривична пријава која е поднесена од МВР, се однесува на три постапки. Тој беше испитан во Обвинителството како осомничен. Беше предложен сведок во делот на набавките на ВЛТ апаратите, а од нему познати причини одлучи да го промени исказот кој го имаше дадено во Обвинителството. Немаме сознанија дали е влијаено до овој момент на било каков начин. Се истражува тој дел, преземаме некои дејствија во таа насока."
Обвинителството: обвинението почива на документација
Според обвинителите, основот на обвинението се материјални докази и документација, додека сведочењето служи како поврзувачка нишка меѓу тие документи и наводите во предметот.
Александар Давчевски – обвинител: "Вториот сведок имаше неколку клучни поенти, важни за предметот иако ова е предмет кој е базиран на материјална документација како докази. Но сведоците даваат некои поврзници на тие материјални докази. Вториот сведок имаше неколку клучни поенти кои сметам дека одат во корист на теоријата на одбраната... Не се согласуваме со тоа дека вториот сведок не кажал ништо."
Првообвинетиот, поранешниот директор на Државната лотарија Перпарим Бајрами, во моментов е зад решетки во Шуто Оризари откако повеќе од една година беше во бегство и беше баран со меѓународна потерница; тој се предаде на граничниот премин Блаце. Второобвинетиот, поранешниот вицепремиер Артан Груби, пред една недела беше изведен од куќен притвор.
Судењето по предметот „Лотарија“ продолжува утре.
Фото: прес-материјал од настанот


