Тошковски: Истрагата за убиството во Чаир продолжува, очекувам осомничените наскоро да бидат приведени
Министерот за внатрешни работи ја најавува приведувањето на осомничените и посочува дека се проверува зошто еден од нив бил на слобода.

Истрагата за убиството што се случи во скопски Чаир пред десетина дена сè уште е во тек, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во синоќешното гостување во дневникот на МРТ. Тој кажа дека надлежните продолжуваат да ги расчистуваат околностите и очекува осомничените наскоро да бидат приведени.
Тошковски рече дека во рамки на истражната постапка се утврдува и зошто еден од двајцата осомничени — кој, како што напомена, бил во затворски казни — во моментот на извршување на делото бил на слобода.
Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против две лица за убиството на 26-годишниот скопјанец во Дуќанџик, посочи тој.
Во интервјуто Тошковски ги презентираше податоците за кривичните дела во периодот јануари–август 2026 година во споредба со истиот период лани и рече:
„Бројот на убиства е намален од 19 на 12, односно за околу 37 проценти. Бројот на регистрирани сторители е намален од 26 на 13, а бројот на жртви е намален од 20 на 12, што е намалување од околу 40 проценти. Особено изразено намалување, од приближно 65 проценти, е регистрирано кај обидите за убиство. Разбојништвата се намалени за околу 40, а тешките кражби за приближно 30 проценти во однос на истиот период лани“,
Тој, сепак, забележа зголемен број на пријави за семејно насилство, што го припишува на поголемата охрабреност на граѓаните да пријавуваат, и укажа на рaстот на делата за безобѕирно управување со моторно возило — околу 2 200 такви дела регистрирани во првите осум месеци од годината, што е приближно седумпати повеќе во однос на истиот период лани. На ова тој додаде:
„'Безбеден град' ни помага и тоа како во овој дел на детекција на кривичните дела, и заради тоа имаме драстично зголемување на бројот на кривични дела, седум пати повеќе од истиот период лани“.
Министерот рече дека во оваа фаза не може да дава дополнителни оперативни детали додека траат истрагите, но повтори дека очекува осомничените наскоро да бидат приведени.
Фото: прес-материјал од настанот


