Влада интервентно обезбедува 50.000 литри бесплатна вода дневно за Гостивар
Дистрибуцијата почнува од денес преку назначени пунктови додека траат контролите и истрагите.

Владата донесе одлука интервентно да обезбеди од денес и во наредните неколку дена по 50.000 литри бесплатна вода дневно за пиење за граѓаните на Гостивар, со цел да се обезбедат основните потреби на населението додека траат мерките и препораките на надлежните институции.
Постапувањето е организирано преку Службата за општи и заеднички работи на Владата, која ќе ја реализира дистрибуцијата преку низа назначени пункта во градот.
Пунктови за дистрибуција
- Водостопанство – Гостивар, ул. ЈНА бр. 139
- Градинка „Пролет", ул. Беличица бр. 47
- СЕОУ – Гостивар (Средно економско училиште), ул. Живко Брајковски бр. 39
- ЈП Национални шуми – Подружница „Шар" Гостивар, ул. Браќа Ѓиноски бр. 165
- АД ЕСМ – Подружница кај гаражите (питарница), ул. Илинденска
- Општа болница „Ферид Мурад" – паркинг, ул. Чеде Филиповски бр. 29
- Територијална противпожарна единица – Гостивар, ул. Беличица бр. 35
Сите надлежни институции, како што е наведено, продолжуваат со интензивни контроли, анализи и истражни дејствија за утврдување на причините за настанатата состојба.
Во изјава од Владата стои: "Очекуваме целосно расчистување на случајот, а секој што ќе има утврдена одговорност ќе сноси одговорност согласно закон. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат препораките на надлежните институции и информациите да ги следат исклучиво преку официјалните канали, со цел навремено и точно информирање," велат од Владата.
Приоритет на Владата, посочуваат од кабинетот, останува заштитата на здравјето на граѓаните, брзата институционална реакција и целосното надминување на состојбата; Владата ќе продолжи да презема сѐ што е потребно за обезбедување поддршка до нормализирање на состојбата.
Фото: прес-материјал од настанот