Почетна
Македонија

Во тетовската болница доделени 109 решенија за вработување, директорот го отфрла политизирањето

Во Клиничката болница Тетово 109 здравствени работници добија решенија за вработување; директорот вели дека настанот не бил политизиран.

·Македонија
Во тетовската болница доделени 109 решенија за вработување, директорот го отфрла политизирањето

Во амфитеатарот на Клиничката болница Тетово денеска се одржа свечен настан на кој 109 здравствени работници ги добија решенијата за вработување во оваа јавна здравствена установа.

На церемонијата беа присутни и учествуваа во доделувањето на документите градоначалникот на Тетово, Билал Касами, и градоначалникот на Чаир, Изет Меџити. Присутни беа и министерот за здравство Сашо Клековски и првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали.

Во објава на Фејсбук градоначалникот Касами упати честитки до ново вработените: "Ги зајакнуваме капацитетите на болницата и ги подобруваме здравствените услуги за граѓаните на Тетово и Полошкиот регион. Им честитам на здравствените работници кои денес ги добија своите решенија и им посакувам успешна работа. Инвестирањето во луѓето и во здравството е инвестиција во иднината на нашиот град. Ќе продолжиме да работиме Тетовската болница да го има кадарот, условите и капацитетите што ги заслужуваат нашите граѓани. Наскоро и целосна реконструкција на тетовската болница", напиша Касами.

Кој ја организираше церемонијата?

Од Министерството за здравство соопштија дека организатор на настанот била Клиничката болница Тетово и дека токму таа ги испраќала поканите и ја утврдувала содржината на настанот. "Домаќини беа од Клиничката болница Тетово. Тие ги праќаа поканите за настанот и го правеа сценариото", рекoaат од Министерството за здравство.

Директорот на тетовската болница, Ерзен Елези, ги отфрли тврдењата за партизација и политизација. Тој појасни дека двата градоначалници биле повикани како градоначалници, а не како копретседатели на партијата, и дека основната распределба на решенијата ја правеле службите и министрите.

„Нема ништо политчко. Решенија за вработување доделивме и јас и министерот Беким Сали и министерот Сашо Клековски. Не беа повикани како копретседатели на Влен, туку како градоначалници. Ги повикавме за да ги испочитуваме и им дадовме да поделат по пет решенија за вработување. Тие немаа ниту говори на настанот, а не беше ниту предвидено да доделуваат решенија, но на крајот рековме да ги испочитуваме и им дадовме да поделат", изјави Елези.

Од Министерството за здравство додадоа дека со денешниот настан практично се заокружува проектот за вработување на 1 500 повеќегодишни договорци, а наскоро ќе биде комплетиран и проектот за вработување на 600 специјализанти.

Фото: Билал Касами (Фејсбук)

Поврзани написи