Војниците бараат правда – еднаква отпремнина и договори на неопределено време
Пензионерите тврдат дека измените во законите довеле до големи разлики во исплатите; синдикатот предлага замрзнување на вработувања за да се финансира обесштетувањето.

Со транспаренти „Не бараме милостина, бараме еднаквост“, „Нашето достоинство не е во пензијата“ и „613 ветерани не бараат виновници, бараат државата да ја исправи неправдата“, поранешните професионални војници излегоа на протест пред Владата во Скопје. Тие реагираат на, како што велат, големите разлики во исплатата на отпремнина по законските измени и бараат еднаков третман за сите пензионирани припадници без разлика кога заминале во пензија.
Настапувајќи пред присутните, Видан Кипријановски од Координативното тело на пензионирани припадници на Армијата рече: "Од оваа страна на сликата сме ние пензионираните војници пред 14 февруари 2024 година, а од друга страна се оние кои се пензионирале после тоа. Погледнете ги разликите во сумите. Пример ако некој генерал тогаш земал три илјади евра како отпремнина, сега таа сума изнесува дваесет и пет илјади евра."
Барање за замрзнување на вработувања и договори на неопределено време
Од Независниот синдикат на професионални војници побараа сегашните професионални војници да добијат договори на неопределено време и зголемување на платите. Според изјавата на синдикатот, предлог-решение е замрзнување на новите вработувања за да се обезбедат средства за обесштетување.
Александар Насковски од Независниот синдикат на професионални војници истакна: "Поднесовме закон во Собранието следните седум години да нема нови вработувања, со тоа би се заштедиле од 10 до 12 милиони евра во буџетот на Министерството за одбрана со што ќе се обесштетат поранешните пензионирани војници. Освен тоа и сегашните професионални војници ќе добијат договор на неопределено време и право на пензија."
Министерството за одбрана појасни дека барањата за ретроактивна исплата на повисоки отпремнини се спротивни на законот. Од министерството велат дека во целост ги имаат исплатено сите финансиски обврски кон секој поранешен припадник на Армијата, независно дали бил офицер, подофицер, војник или цивилно лице, и дека не постои никакво заостанато побарување. Според министерството, сегашната правна регулатива ја регулира целата материја.
Пензионираните професионални војници најавија дека доколку не се најде решение за нивните барања, ќе ги радикализираат протестите и ќе организираат акции во повеќе градови.
Фото: прес-материјал од настанот


