Засилена вакцинација по петте потврдени случаи на морбили
Лекарите повикуваат за надоместување на пропуштените дози на МРП; вакциналните пунктови регистрираат поголем одзив.

По петте потврдени случаи на морбили во земјата, вакцинацијата се засилува: лекарите ги повикуваат родителите кои ги пропуштиле редовните дози да ги вакцинираат децата, а од вакциналните пунктови велат дека интересот е зголемен.
Повик до родители и организирани пријави
„Родителите покажуваат интерес да ги донесат најверојатно поради опасноста која е вројатна и следи. Вакцинацијата во претшколскиот диспанзер е со повик, јавување на телефон, а во школскиот диспансер е преку смс до училиштата каде што организирано со родителите доаѓаат. Дека е засилена вакцинацијата и одзивот е забележливо“, изјави д-р Соња Ралева од Здравствен дом Скопје.
Институтот за јавно здравје предупредува дека опфатот со МРП вакцината и натаму е недоволен. Поради новите случаи во земјава и неповолната епидемиолошка состојба во дел од соседните земји, апелираат до сите што не ја примиле вакцината да ја надоместат пропуштената доза.
„Најмал опфат се центарските општини, како Центар, Карпош и Аеродром, додека другите општини имаат поголем процент на вакцинираност“, додаде д-р Ралева, оценувајќи дека во одредени населби потребни се дополнителни активности за покриеност.
Зголемен интерес има и за ХПВ вакцината. Македонија е меѓу земјите што ја проширија имунизацијата против ХПВ не само кај девојчињата туку и кај момчињата.
„Од пред година и половина е дадена и за машки и за женски деца и таа е деветовалентна од реномиран фармацевтски производител и имаме интерес да дојдат да ја примат, родителите некои кои што поминале низ своја емотивна криза поврзана со одредено заболување, а верувајте секое семејство има по некоја таква приказна, доаѓаат и сами ја бараат вакцината“, рече д-р Ралева.
ХПВ вакцината е дел од националниот календар за имунизација и е бесплатна за девојчиња и момчиња. Се прима пред изложување на вирусот, најчесто во раната адолесцентна возраст, а нејзината цел е да спречи инфекции со типови на ХПВ кои можат да предизвикаат рак на грлото на матката и други малигни заболувања.
Фото: прес-материјал од настанот


