Почетна
Македонија

Жените мнозинство во науката, но недоволно застапени во технологијата — панел на ФИНКИ

Панел на ФИНКИ ги истакна статистиките, пречките и иницијативите за поголемо вклучување на девојките и жените во СТЕМ.

·Македонија
Жените мнозинство во науката, но недоволно застапени во технологијата — панел на ФИНКИ

Жените сочинуваат околу 70 проценти од дипломираните во природните науки и математиката во државата, а повеќе од половина од истражувачите се жени, но нивното учество во технологијата е значително помало: жените се околу 33 проценти од дипломираните во информатичко-комуникациските технологии и сочинуваат помалку од една четвртина од работната сила во ИТ-секторот.

Овие разлики беа во фокусот на вчерашната панел-дискусија „Кој ја кодира иднината? – девојките во СТЕМ“, одржана на кампусот на ФИНКИ во Скопје. Настанот беше дел од кампањата „Носи ја промената“ и националниот карван, иницирани од Јуроп хаус и Делегацијата на Европската Унија.

Панелистите отворија прашања за системските и институционалните пречки, стереотипите и нееднаквостите кои влијаат врз пристапот и учеството на девојките и жените во СТЕМ. Ограничената поддршка, чувството дека не припаѓаат и недостигот од видливи женски примери често ги обликуваат образовните и професионалните избори.

Во дискусијата учествуваа амбасадорот на Шведска Ола Сулстрем; Маријана Иловска Златановски, извршна директорка за дигитални иновации во Intertec.co и директорка за партнерства во Women in Tech North Macedonia; проф. д-р Ана Поцева Пановска од Фармацевтскиот факултет при УКИМ; и проф. д-р Невенка Китева Роглева од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при УКИМ. Дискусијата ја модерираше Андреа Угриноска од „Тиииит! Инк.“ – Скопје.

Забелешки од панелот

Ана Поцева Пановска зборуваше за промените во фармацијата и можностите за образование и професионален развој на жените. „Пред повеќе од сто години, фармацијата била професија во која доминирале мажите. Денес, повеќе од 90 проценти од студентите на нашиот факултет се девојки. Оваа промена покажува што се случува кога на жените ќе им се отворат можностите за образование и професионален развој“, рече проф. Поцева Пановска од Фармацевтскиот факултет при УКИМ.

Маријана Иловска Златановски нагласи дека иако бројот на жени во технологијата пораснал, остануваат прашања за нивната застапеност на лидерски позиции. -Со текот на годините бројот на жени во технологијата драстично порасна, но потоа се појави ново прашање: што правиме со жените на лидерски позиции во светот на технологијата? Се радувам што денес работиме на надминување на тие бариери и охрабрување на девојките да преземаат поголема иницијатива. Дефинитивно има прогрес, но има уште многу да се работи, посочи Иловска-Златановски, извршна директорка за дигитални иновации во Intertec.io и директорка за партнерства во Women in Tech North Macedonia.

Амбасадорот на Шведска, Ола Сулстрем, истакна потреба од долгорочни инвестиции во образованието, истражувањето и иновациите и поддршка за младите. „Верувам дека иднината на оваа земја, на регионот и на светот во голема мера зависи од младата жена која денес има 20 години, која се прашува што следува и одлучува по кој пат ќе тргне“, рече амбасадорот на Шведска.

Проф. д-р Невенка Китева Роглева го истакна својот пат од традиционално машката област на енергетиката и важноста на интересот, знаењето и образованието. „Доаѓам од областа на енергетиката, која традиционално се смета за машка професија. Но, мојот професионален пат покажува дека интересот, знаењето и добрата образовна основа се многу поважни од родовите стереотипи. Поддршката од семејството и наставниците е особено важна за младите девојки да се охрабрат да го следат својот интерес кон науката и технологијатаЕ, рече проф. Китева-Роглева, Факултет за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Дискусијата заврши со сесија за прашања и одговори со публиката. Учесниците предупредија дека кога девојките и жените немаат еднакви услови да го развијат својот потенцијал, општеството губи можности за иновации, различни перспективи и поефикасни решенија.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи