Почетна
Македонија

За повисоки плати и подобар живот младите ја напуштаат Македонија — 68% сакаат да се иселат

Економските мотиви и ниската доверба во институциите ги тераат младите да бараат живот и работа надвор од земјата; бројот на млади се намали од 480.000 (2002) на 326.000 (2021).

·Македонија
За повисоки плати и подобар живот младите ја напуштаат Македонија — 68% сакаат да се иселат

Истражување од 2024 година покажува дека голем дел од младите во Македонија размислуваат за иселување, пред се поради економски причини и недоверба во институциите. Според студијата на Фондацијата Фридрих Еберт, 68 отсто од испитаниците на возраст од 14 до 29 години изјавиле дека сакаат да се иселат, а околу 40 отсто покажале силна желба за иселување.

Постојат економски причини, но и гнев кон корупцијата

Истражувачите истакнуваат дека станува збор за комбинација од т.н. push фактори. „Прво, тоа се економските фактори. Младите се во потрага по подобар животен стандард, повисока плата, подобри можности за вработување, но интересно е што како негативни општествени фактори, тие ги посочуваат корупцијата, клиентелизмот и ниската доверба во институциите,“ вели професор Марија Топузовска Латковиќ од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања Скопје. Истражувањето е спроведено истовремено во 12 земји од Југоисточна Европа и забележува најголема желба за иселување токму во Македонија.

И покрај желбата за иселување, анкетата покажува дека околу 40 отсто од младите не презеле ништо за да заминат. Мнозинството наведува дека најмногу им значи фер шанса за напредок тука, во земјата.

„Ако сакаме да ги задржиме младите во земјата потребно е да им обезбедиме чувство дека имаме праведно и правично општество, каде што сите млади ќе имаат подеднакви и фер шанси да се вработат, да напредуваат во кариерата, тука да сакаат да ја изградат својата кариера, да создадат дом и да формираат свое семејство со што ќе имаме и перспективна и квалитетна иднина и за нивните деца,“ додава Топузовска Латковиќ.

Демографските податоци ја илустрираат големината на предизвикот: пописот од 2021 година покажа дека бројот на млади во земјата опаднал од 480 илјади во 2002 година на 326 илјади во 2021 година. Во контекст на школувањето, министерката за образование Весна Јаневска неодамна изјави дека во септември се очекуваат околу 3.000 првачиња помалку од претходната година, што ја отсликува продолжената тенденција на иселување.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи