Почетна
Македонија

За вакцинација против сезонски грип, најмал е интересот кај бремените жени и децата, кои се во ризична група, а најголем кај возрасни над 65 години и хронично болните

Најмал интерес за вакцина кај бремените и децата, најголем кај над 65 и хронично болни; Клиниката Козле бележи повеќе прегледи но без потврден грип.

·Македонија
За вакцинација против сезонски грип, најмал е интересот кај бремените жени и децата, кои се во ризична група, а најголем кај возрасни над 65 години и хронично болните

Забележително е дека интересот за вакцинација против сезонски грип е најнизок меѓу бремените жени и децата, кои се сметаат за ризична група, додека најголем е кај лица над 65 години и кај хронично болните. Педијатрите од Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата – Козле велат дека се зголемува бројот на амбулантски прегледи во овој период, иако засега нема изолиран случај на грип.

„За жал во нашата држава се уште е ниска стапката на примени вакцини на имунизација против сезонскиот грип кај бремените жени и кај децата, но гледаме дека со годините трендот се зголемува. Ние секогаш препорачуваме деца од шест месеци до пет години за кои што е бесплатна вакцинацијата да си ја примат вакцината за сезонски грип, исто така и кај децата за хроничнии болести.Вакцината како и секоја друга вакцина штити од најтешките форми на болеста. Сезонскиот грип најчесто се јавува со респираторни симптоми, но може да се појават и невролошки и системски симптоми кај инфекцијата со грип, така што оваа вакцина штити од најтешката клиничка слика,“ изјави д-р Филип Доксимовски, Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата -Козле.

Болнички случаи и поддршка со кислород

Во клиниката најчести се прегледите на деца со респираторни симптоми. Хоспитализираните деца најчесто имаат долнореспираторни инфекции и пневмонии, било од вирусна било од бактериска етиологија. Некои од нив имаат потреба од кислородна поддршка — состојба која лекарите ја оценуваат како очекувана за овој период од годината.

„Во моментов имаме околу 5-6 деца кои што се на кислородна поддршка. Но и покрај тоа можам да кажам нивната состојба е стабилна ,“ вели д-р Филип Доксимовски.

Лекарите апелираат родителите да ги отстранат децата од колективот доколку забележат поизразена кашлица или покачена телесна температура, да започнат домашно лекување и симптоматска терапија по консултација со матичниот лекар, кој ќе ја следи состојбата и ќе интервенира навремено ако е потребно.

Нина Стефанова

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи